Поради долгата суша и опустошената – сува земја, пченицата во реонот на велешко кој ги опфаќа општините Велес,Градско и Чашка, есенва досега е засена на минимални 150 од планираните 1.130 хектари во индивидуалниот сектор и задругите.
Земјоделските стручњаци од Подрачната единица на МЗШВ во Велес за МИА, појаснуваат дека слабите врнежи од дождот од синоќа и денеска сега не може драстично да ја промени состојбата. Но, тие посочуваат дека по најавите од хидрометеоролозите за пообилни дождови во наредните денови,тоа многу ќе продонесе за промена на состојбата на почвата, а влагата од дождот ќе овозможи на земјоделците со тракторите да влезат во нивите и да ја завршат започнатата есенската сеидба.
Тие информираа дека нешто поповолна е состојбата кај јачменот каде од предвидените 2.890 досега се засеана 50 проценти од површините или 1.400 хектари.
Најповолна е состојбата кај житната култура, тритикале, а каде планираните површани се целосно засеани.
Тие појаснуваат дека тритикалето е хибрид на пченицата настанато со вкрстување на пченица и ’рж но по боја на класата и стебленцата е послично на ’рж.
Според стручњаците оваа житна култура се користи за правање леб, но е и вредна концентрирана добиточна храна поради високиот процент на протеини и затоа кај земјоделците посебно сточарите има интерес за негово засејување.