Во Велешки театар: Премиера на „Злосторство на 21 век“

152

Во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ во Велес, утревечер (16 мај) премиерно ќе биде изведена претставата „Злосторството на 21 век“ според текст на Едвард Бонд, а во режија на Владимир Милчин.

Режисерот Милчин, кој првпат режира во велешкиот театар, за Едвард Бонд вели дека неговата пиеса довела да се укине цензурата, а тој со своите дела е провокативен и актуелен со проблеми што го мачат човештвото на целата Земјина топка.

Според Милчин, станува збор за англиски драмски писател и театарски режисер кој многумина го сметаа за еден од најважните живи драмски автори, кој отсекогаш бил и останува контроверзен поради насилството прикажано во неговите пиеси и радикалноста на неговите ставови за модерниот театар и општеството. „Една катастрофа е екологијата, а другата одземање на слободата, правата и терор и тоа што на луѓето им ја одзема човештината, а пеколот напредува и ја јаде Земјината топка и ги јаде луѓето“, вели Милчин.

Во претставата играат Маја Љутков, Талија Настова, Жарко Спасовски и Фаик Мефаиловски. Костимографијата е на Марија Пупучевска,  музиката на Марјан Неќак, а сценографија на Крсте С. Џидров.