Во Велес се работи голем стрип мурал со вестерн глумецот Гари Купер под Градскиот саат

277

Од Стрип центарот на Македонија-Велес, на ѕидот под Градски саат во Велес, деновиве интензивно работат на изработка на голем ѕиден мурал со познатиот вестерн холивудски глумец Гари Купер, а за кој илустрацијата е на реномираниот стрип автор Владимир Весовиќ од Белград. Муралот го изработуваат велешките цртачи Ване Трајков, Горан Мазнев и Анита Гочева.

Томе Трајков од СЦМ-Велес за МИА, појаснува дека изработката на овој мурал деновиве предизвикува голем интерес.

-Според планираните активности, муралот чија изработка е со финансиска поддршка на Министерството за култура, треба да биде готов до крајот на месецов. Воедно со изработката на мурали ние по примерот на францускиот град Ангулем, очекуваме да дадеме убав пример, големите ѕидни мурали да заживеат и во други градови во земјава. Ние како први во изработка на големи ѕидни мурали во земјава сме горди и ги поттикнуваме и останатите да започнат со нивна изработка, а задовослтвото е големо за сите граѓани и туристи како своевидна атракција на градот, потенцира Трајков.

Тој потсетува дека тие од СЦМ –Велес уште пред петнаесетина години имаат изработени два големи стрип ѕидни мурали на станбени згради во центарот на Велес, а едниот од нив е посветен на големиот поет и револуционер Коста Солев Рацин и Велес од неговото време.