Во Британска Колумбија дозволено поседување мали количини тешки дроги: Пилот програма за нивна декриминализација

36

Канадската провинција Британска Колумбија денеска започна пилот програма за декриминализирање на поседувањето мали количини тешки дроги како кокаин и хероин. Според програмата возрасните можат да поседуваат до 2,5 грама кокаин и хероин, како и метамфетамин, фентанил и морфин.

Сојузната Влада на Канада го одобри барањето на таа провинција на западниот брег на Тихи Океан да го спроведе овој експеримент во траење од три години, слично на политиката во блиската американска држава Орегон, каде тешките дроги беа декриминализирани во 2020 година.

Пред започнувањето на пилот програмата, властите во Британска Колумбија и федералните институции усвоија правила за одобрени исклучоци од Законот за контролирани дроги и супстанции на федерално ниво.

Иако поседувањето на тие супстанции сепак ќе биде нелегално, возрасните кои поседуваат вкупно помалку од 2,5 грама тешка дрога нема да бидат уапсени, обвинети и нема да им биде конфискувана дрогата. Наместо тоа, ќе им бидат понудени информации за достапните здравствени и социјални услуги.