Поради двата големи шумски пожари кои беснеат во близина на Атина, локалните власти издадоа итни наредби за некои жители да се евакуираат, а други да останат дома и да ги затворат прозорците за да се заштитат од чадот.
Првиот пожар избувна во раните попладневни часови и се приближуваше до пристаништето Лаврио на околу 60 километри југоисточно од Атина. Локалните власти соопштија дека изгореле најмалку четири куќи и неколку автомобили. Нема информации за жртви.
Вториот пожар подоцна започна северно од Атина во близина на предградието Стамата. Гореше низ грмушки и шума и се движеше кон планината Пентели, една од четирите планини што ја опкружуваат областа на главниот град.
Вкупно 230 пожарникари, 17 авиони и 12 хеликоптери се обидувале да ги изгаснат двата пожари, соопшти противпожарната служба, но авионите и хеликоптерите можат да работат само на дневна светлина.
Топлото и суво време во комбинација со силен ветер придонесува за ширење на пожарите. Во понеделник и вторник се очекува пораст на температурите над 30 Целзиусови степени.
Пожарите станаа редовна годишна појава во медитеранскиот регион. На почетокот на овој месец, Грција и Турција доживеаја големи пожари.