Во Берово се одржа карневалот „Ратевски бамбурци“

134

Во беровско Ратево денеска по 11-ти пат се одржа карневалската традиција стара 600 години наречена „Ратевски Бамбурци“. На карневалот учествуваа и 11 групни маски од Прилеп и од Кавадарци, како и од Перник и Варвара од Бугарија.
– Нашата маска е учесник на голем број на фестивали во Бугарија, Србија, и Романија. Како карневал годинава не поддржаа голем број спонзори и ќе ни треба поддршка и во иднина за карневалот да прерасне како Вевчанскиот карневал, истакна претседателот на „Ратевски Бамбурци“, Драган Аговски.
За најдобра беше прогласена маската „Ратевски Бабмурци“, а второто место им припадна на гостите од Перник. Третата награда ја доби маскираната група од Ново Село.
Една од најстарите учесници на карневалот Даница Брндевска вели дека „Ратевски Бамбурци“ е карневалот со долга традиција. – Вчера беше „Водици“ ден кога народот се крштева во реките и водата е крстена. Но, Ратевци во минатото мислеле дека со крштевањето, не исчезнало сето зло. Тие маскирајќи се со карактеристичните кожи го истеруваат злото од целата Малешевија многу децении наназад, вели Брндевска.
Ангел, кој учествува на карневалот од седум години, вели дека се подготвуваат цела година. – Кога ќе се заколе некоја коза, говедо или слично, ги користиме сите делови од кожата, а и одредени делови од коските поради што маските ни се специфични, изјави 23-годишниот бамбурец од Ратево.
Карневалот се одржа со поддршка од општината, која секоја година одвојува средства за негово одржување.