Владо Јаневски поради здравствените проблеми дефинитивно го одложи скопскиот новогодишен концерт! „Нема стопроцентна сигурност дека Владо ќе биде (здравствено) способен да го одржи закажаниот концерт на 27 декември“, љубезно соопштија организаторите „Авалон-продукција“. Штом е така официјално јавено, низ загрижената чаршија почнаа да кружат секакви шпекулации, непотврдени приказни и секако мрсни трачеви. „Секој има право да зборува што сака“ е дипломатскиот одговор на популарниот поп-пејач
Со причина громогласно најавуваниот концерт на чаирскиот романтичар, популарниот Владо Јаневски, дефинитивно е откажан. Неговите многубројни обожаватели, а најмногу обожавателки девојки и дами во пристојни години, до последен миг се надеваа дека Јаневски сепак ќе се премисли и ќе го одржи концертот (во Арената „Јане Сандански) на 27 декември. Меѓутоа, ништо од концертот, а сите вљубеници во неговите песни сега се прашуваат: што му е на Владо? Официјалната информација е дека настапот на Владо е поради неговата „преку ноќ“ влошената здравствена состојба.
„Нема стопроцентна сигурност дека Владо ќе биде (здравствено) способен да го одржи закажаниот концерт на 27 декември“, љубезно соопштија од „Авалон-продукција“. Штом е така официјално јавено, низ загрижената чаршија почнаа да кружат секакви шпекулации, непотврдени приказни и секако мрсни трачеви. И сами си знаете дека Владо е постојано цел на озборувањата, па така пред неколку години за Владо кружеа многу грди трачеви, дека е наводно болен од сида. Се покажа дека е чиста измислица од тие кои не му мислат добро, можеби и на естрадната конкуренција е производ на болна фантазија. Владо си беше и жив и здрав! Меѓутоа отровниот трачот се ширеше со шепотење од уста на уста, а предизвикан од непојавувањето на Владо во неговите спотови во кои се слушаше само пеењето без да се види неговиот лик, кој наводно не беше за гледање.
Потоа, Владо не се стегаше смирено да проговори за тој период од животот, па кажа дека „секој има право да зборува што сака и секому нека му оди на неговата совест“, а трачевите од каков било тип воопшто не допираа(т) до него. Така е и овој пат. Или можеби е „покритие“ за слабата продажба на влезниците за концертот? И тоа не е вистина! Јаневски со леснотија ги полни салите во кои настапува. Сетете се само на преполни концерти во „Македонската филхармонија“ на кои не само што немаше каде игла да падне, туку и на целата таа атмосфера, мислиш пее Роби Вилијамс или евентуално Елтон Џон. До толку!
Затоа сите озборувања за одложувањето на неговиот скопски(пред)новогодишен концерт остануваат само во доменот на шпекулации. Новодоговорениот термин за концертот (или повеќе концерти) ќе биде на пролет во период март – април 2025, а најверојатно во април, со оглед на тоа дека веќе март месец е „истрошен“ поради големата балканска ѕвезда Здравко Чолиќ кој ги распродаде двата скопски концерта. А, народ ко народ и да сака нема толку силна финансиска моќ. Што се вели, трпение-спасение! Сè така до април, кога Скопје ќе ечи со хитовите на Јаневски: “Ова наше Скопје“, “Црно тиквешко“, “И, тогаш некоја будала“, “Чаирска романтика“, “Нусе, Нусе“, “Ненормален“, “Не зори зоро“, “Ќути жив ти се, иста сорта сме“, “Мучос денарос“, “Дома си е дома“, “Ти си тајна отровна“…. Сите оние кои имаат купено влезници за 27 декември, од некое продажно место, потребно е да дојдат на него, поради рефундација на парите.
Инаку, за неговиот приватен живот исто така владее голем интерес колку и за концертите. Сепак, Владо останува вечен ерген: – Никогаш веќе нема да се женам! Ретко излегувам сакам да седам дома. Затоа нема да ме видите по кафулиња. Се повлеков, убаво ми е вака во осаменоста. Немам нова девојка, многу тешко се вљубувам на овие години, ниедна не ме сака, неодамна раскажа Владо пред новинарите. Д.М.