Во Албанија може да купите стан за 40 илјади евра, а во Грција квадратот се качи над 1.500 евра

Со зголемувањето на цените на становите кај нас, многу Македонци решаваат да купуваат недвижности на море. Освен Грција, во последно време и Албанија е на листата на земји каде што, последниве години, многу странци купуваат станови на море, поради убедливо најниските цени во споредба со Црна Гора и со Хрватска. Во Албанија, на пример, може да купите стан од над педесет квадрати за нешто повеќе од 40.000 евра, додека, пак, апартман со три спални, во комплекс со базен, се наоѓа за околу 90.000 евра. Според локалните медиуми, побарувачката за недвижен имот и земјиште на албанското крајбрежје годинава е зголемена за 20 до 30 отсто во однос на лани. Околу 40 отсто од купувачите на станови на море се странци, а цените во Албанија, кога се работи за недвижностите, се зголемени за дваесет отсто во однос на лани

9288

Со зголемувањето на цените на становите кај нас, многу Македонци одлучуваат да купуваат недвижности на море. Освен Грција, во последно време и Албанија е на листата на земји каде што, последниве години, многу странци купуваат станови на море, поради убедливо најниските цени во споредба со Црна Гора и со Хрватска. Во Албанија, на пример, може да купите стан од над педесет квадрати за нешто повеќе од 40.000 евра, додека, пак, апартман со три спални, во комплекс со базен, се наоѓа за околу 90.000 евра. Според локалните медиуми, побарувачката за недвижен имот и земјиште на албанското крајбрежје годинава е зголемена за 20 до 30 отсто во однос на лани. Околу 40 отсто од купувачите на станови на море се странци, а цените во Албанија, кога се работи за недвижностите, се зголемени за дваесет отсто во однос на лани.

Постои голем интерес за купување станови и во Грција, но цените на квадратот се качени таму и се движат околу 2.000 евра за квадрат. Освен во Солун, наши сограѓани купуваат имоти и на Халкидики и во Пиерија, кои ги користат за свои потреби, за одмор или, пак, ги издаваат. Најатрактивни се становите и апартманите од 30 до 50 квадрати, кои се поблиску до морето.

Така, на пример, во Неа Фокеа може да се купи комплетно наместен стан од 52 квадратни метри за 110 илјади евра, а во Неа Мудања за стан од 45 квадрати метри, на 200 метри од морето, ќе платите 120 илјади евра.

Постои голема навалица за купување станови во Грција, а најчести клиенти се Македонците и Србите, велат од една грчка агенција за недвижности. Оттаму додаваат дека и покрај тоа што, последниве години, цените за недвижностите малку се качиле, интересот за купување е многу голем. Најмногу се бараат помалите станови, оние до 50 квадрати, кои, како што велат од агенцијата, не стигнуваат ниту да ги огласат и оти имаат листа на купувачи што чекаат на ред за купување стан.

Се бараат станови и апартмани на првиот, на вториот крак и во Пиерија. И цените на апартманите, последниве неколку години, се качени и не може да се најдат мали апартмани ни за 30 илјади евра. За разлика од пред короната, кога можеше да се купи апартман на 500 метри од плажа и за 20 илјади евра.

И во Пиерија може да купите стан блиску до плажа – од 1.500 до 2.000 евра за квадрат. Така, за 50 илјади евра може да се купи нов стан во близина на атрактивен дел покрај морето. Поради тоа, последниве години има голем интерес од странците за купување станови во овој дел од Грција. Освен Македонци, станови купуваат и Срби, Романци, Чеси, Словаци…

Процедурата во Грција е едноставна, потребни ви се само адвокат и нотар, објаснуваат од една агенција што работи со издавање и со продажба на станови. Покрај тоа, процесот на купување имот во Грција е упростен, со потреба само за кеш или кредитна картичка, што го прави привлекувањето на македонските купувачи уште поголемо.

Сепак, ситуацијата во Хрватска и во Црна Гора е малку поинаква. Таму становите се поскапи, а и патот до море е подолг, и поради тоа Македонците многу поретко се одлучуваат за купување стан на Јадранското Приморје. Што се однесува до цените, становите чинат, во просек, по 400.000 евра, најевтиниот стан во Риека чини околу 250.000 евра, додека за стан во Ровињ, со поглед на море и со површина од 188 квадратни метри, ќе треба да издвоите 1.210.000 евра.

Во Црна Гора, пак, најмногу Србите купуваат станови, а најпопуларни места за купување недвижен имот се Будва и Тиват. Така, на пример, луксузно опремен стан од 43 квадрати во Бечиќи, на пет минути до плажа, чини 149.999 евра, студио од 37 квадрати во Рафаиловиќи може да се купи за 90.000 евра, а за еднособен стан со паркинг треба да одвоите 200.000 евра за површина од 57 квадратни метри. Кога станува збор за Тиват, таму цените се вртоглави и куќите што се покрај море се продаваат за половина до два милиона евра. Нешто поевтини се куќите што се подалеку од морето, односно куќа на два километра од морето чини 150.000 евра.

(А.С.)