Војската и „фантомите„ први ќе се попишат во Македонија. Од први до 15 март, две недели пред официјалниот почеток на пописот, согласно законот, ќе бидат преброени војниците и лицата без лични и здравствени документи, потврдија за весникот ВЕЧЕР од Државниот завод за статистика. Заболените од ковид и лицата во изолација, пак, ќе се попишуваат тековно, во април. За нив нема да има посебни рамки со периоди за попишување, бидејќи состојбата со деновите во изолација се менува. Во тие домови попишувачите, покрај основната заштитна опрема, најверојатно ќе одат и со скафандери, а можеби токму во тие домаќинства кои во моментот се во изолација, ќе се испратат тимови кои веќе прележале ковид, и имаат антитела на вирусот.
Од статистика велат дека во Министерството за здравство веќе се изработува протокол за тоа како практично ќе се спроведува пописот на терен. Целата методологија, според истите извори, ќе биде дефинирана до крајот на следната недела, а по стапувањето во сила на законот ќе бидат објавени огласите, и ќе почнат обуките за попишувачи. Согласно Законот, претседатели на пописните комисии во 50 региони ќе бидат секретарите на општините. Државниот завод за статистика ќе побара логистичка поддршка и од општините за одржување на пописот.
Претседателот Стево Пендаровски, на состанокот организиран од Државниот завод за статистика порача дека е убеден дека самото законско решение не е пречка да се одржи успешно пописот. Шефот на државата смета дека најголем проблем се обидите за политизација на пребројувањето. Најмногу е исплашен од бројот на иселени.
-Ако постои една работа што треба да нè исплаши, тоа е таа на иселени граѓани, на млади луѓе кои засекогаш ја напуштиле државата во потрага за подобра иднина. А, се иселуваат од секоја етничка и верска припадност, и од сите општини и градови. Тоа се чувствува најмногу на локално ниво и вие како градоначалници сигурно познавате ваши сограѓани кои купиле карта за еден правец. Пописот ќе нè соочи со стравот колку всушност сме малку. Место да се обвинуваме кој колку придонел за тоа, треба да бараме заеднички решенија за намалување на иселувањето, рече Пендаровски.
Премиерот Зоран Заев пред присутните рече дека пописот ќе се реализира исклучиво како статистичка операција според стандардите на ОН и Евростат, за никогаш повеќе да не се третира како политичко прашање.
Најавите за евентуален бојкот од страна на опозицијата ги оцени како најлошата можна одлука на некој политички субјект која, освен што е правно неодржлива, туку носи и штета на државата.
-Пред нас е најважната статистичка операција. Бојкотот е најлошата одлука, тој носи конфузија меѓу граѓаните и ништо добро и позитивно. Кому му одговара да имаме иднина врз погрешни податоци? Никој не сака таква земја за партнер. Ниту еден инвеститор нема да сака да инвестира кај нас. Ја повикувам опозицијата да се приклучи на оваа одговорна операција. Пописот не треба да даде само слика за етничката состојба во земјата. Сите да покажеме одговорно однесување. Важно е, прецизираше Заев, да се утврди точниот број на населението во земјата, и не само вкупниот, туку и на тоа на локално ниво, по регион. Пописот ќе ни каже колку од зградите во кои живееме се енергетски ефикасни, колку се греат на струја, колку на парно, колку имаат пристап за лица со попреченост… Овие податоци живот значат, порача Заев.
Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски изјави дека методологијата за спроведување на пописот ќе биде објавена во „Службен весник“ како јавен документ и ќе ги содржи сите информации до најситен детаљ за неговото спроведување.
-Методологијата во детали го објаснува целокупниот процес на спроведувањето на пописот. Севкупна е и таму се содржани сите дефиниции на поимите што се дел од пописот, дефиниции на сите категории на населението, сите обврски на учесниците во пописот до најситните детали. Таму се сите белези за кои ќе се собираат податоците, начинот на кој ќе се собираат податоците за тие белези, значењето на белезите, која е примената на тој податок понатаму. Значи до најситни детали е објаснета целокупната постапка. И она што е многу важно, за прв пат во досегашната практика ова ќе биде објавено во „Службен весник“, значи ќе биде јавен документ и секој граѓанин ќе може да биде запознаен со тоа што ќе работиме во најситен детаљ, рече Симовски пред почетокот на средбата на државниот врв со градоначалниците и секретарите на општините за спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите која ја организира Државниот завод за статистика.
Од она што досега е познато, освен прашањата во пописниот лист, попишувачите треба да го впишат и матичниот број на граѓанинот кој се попишува и со тоа, системот ќе ги повлече и податоците за лицето од државните регистри.
– Кога ќе се впише матичниот број на граѓанинот, ние фактички ги имаме сите информации. Ако тогаш не се појави трансакциска сметка, не се појави дека бил некогаш на лекар, дека има здравствено осигурување… како ние тогаш да го заведеме како резидент, велат статистичарите.
Со таквиот модел, потенцираат од статистика, нема простор за фалсификати и импровизации. (Ј.Ц.Г.)