Амбасадорот на Израел во Обединетите нации, Гилад Ердан, рече дека ќе носи жолта Давидова ѕвезда додека Советот за безбедност на ОН не ги осуди „злосторствата на Хамас“, барајќи притоа „моментално ослободување“ на заложниците на палестинската милитантна група.
Ердан на реверот носеше жолта Давидова ѕвезда на вчерашната седница на Советот за безбедност на ОН, кој поради недостиг на консензус не усвои ниту една резолуција за решавање на ситуацијата во Израел и Газа.
„Кога беа палени еврејски бебиња во Аушвиц светот молчеше, денес еврејски бебиња беа палени во Бари и во јужните населби од нацистичкиот Хамас и светот повторно молчи. Ќе ве натерам да се сеќавате на срамот од својата тишина секогаш кога ќе ме погледнете. Некои од вас заборавија зошто е основана оваа организација. Ќе ве потсетам. Од овој ден, секогаш кога ќе ме погледнете, ќе се сеќавате што значи да се молчи пред злото. Како моите дедовци и баби и дедовците и бабите на милиони Евреи, отсега јас и мојот тим ќе носиме жолти ѕвезди“, изјави израелскиот постојан претставник во ОН, Гилад Ердан.
Нацистите бараа од Евреите да носат жолти ѕвезди за време на холокаустот за да го идентификуваат и изолираат од нееврејското население во окупираните земји.
Палестинскиот претставник во Обединетите нации ги опиша страдањата на населението во Појасот Газа како „пекол на земјата“.
Зборувајќи на вонредниот состанок на Советот за безбедност на ОН во Њујорк, Ријад Мансур ја цитира изјавата на поранешниот генерален секретар на ОН, Даг Хамарскјелд, во 1954 година: „Обединетите нации не се создадени за да нè доведат во рајот, туку за да нè спасат од пеколот“.
„Газа сега е пекол на Земјата“, додаде Мансур. Дипломатот рече дека повеќе од 8.000 Палестинци се убиени до денес, вклучително и над 3.000 во јужниот дел на Газа, каде што Израел „насилно префрли стотици илјади луѓе“.
„Речиси сите наши луѓе во Газа се бездомници, раселени, се движат од еден во друг семеен дом“, рече тој. „Тие спијат во своите автомобили, спијат на улиците и продолжуваат да ги убиваат каде и да одат за да ги убедат дека нема да бидат безбедни никаде во Газа“, додаде тој. „Спасете ги. Гледајте ги како човечки суштества“, рече тој.