Возовите уште стојат, од Железница велат штрајкот е незаконски, машиновозачите имаат плата од 47.665 денари

390

Машиновозачите и вчера не влегоа во локомотивите, па патниот и товарниот железнички сообраќај  во државата втор ден беше во прекин.

Машинскиот персонал во Железници Транспорт протестира со барање надоместот на плата од 30 да им се зголеми на 40 проценти, што, како што велат, им следува согласно Колективниот договор за дополнителната работа и работењето со намален број на извршен персонал. Машиновозачите велат дека не се организирани од ниту еден синдикат и појаснуваат дека покачувањето што го бараат е околу 1.200 до 1.500 денари по човек. Сметаат дека треба да го добијат, зашто 64 машиновозачи, од кои 16  годинава ќе одат во пензија, работат за 140, колку што се предвидени во Железници транспорт.  Тие предупредуваат и дека дел од колегите се во подготовка наскоро да заминат на работа во Германија.

МЖ Транспорт протестот  со прекин на железничкиот сообраќај го прогласи за незаконски, зашто, како што е наведено во соопштението, не биле запазени процедурите за штрајк. Посочуваат дека просечната исплатена декемвриска плата на машиновозачите со додатоците изнесува 47.665 денари.

Според раководството на МЖ поради штрајкот денеска бил сопрен товарниот сообраќај и патничкиот на линиите од Скопје за Табановце, Велес, Битола и Гевгелија и обратно.

-Железницата како крвоток и битен сегмент во извршувањето на превозот на патниците и стоките во Републиката и надвор од неа е доведен во целосен прекин на железничкиот сообраќакај со што се нанесуваат огромни материјални и нематеријални штети на ЖРСМ Транспорт АД-Скопје, ЈП за железничка инфраструктура на РСМ и на целокупното стопанство на РСМ, соопштија од Жезезница Транспорт.

Оттаму посочуваат дека незаконскиот прекин на работа, односно штрајк, не е организиран согласно ЗРО и Колективниот договор на ЖРСМ Транспорт АД-Скопје и не е предизвикан поради социјален момент или други услови со извршување на работните задачи, туку од лична корист на машиновозачите кои имаат месечни парични примања од 44.955 денари за октомври, 44.070 денари за ноември и 47.665 денари за декември, додека платите на останатите вработени се драстично помали.

На прекин на протестот вчера повика и ресорниот министер за транспорт и врски Горан Сугарески. Тој изрази подготвеност да преговара со машиновозачите, но без уцени и штета на работењето, а тие тоа го прифатија. Наспроти заедничката подготвеност да се преговара и денеска железничкиот сообраќај остана во прекин.

(С.В.)