„Сага“ е наслов на современата балетска претстава во кореографија и режија на Рисима Рисимкин, која премиерно ќе биде изведена на 6 и 7 октомври во 20 ч., во Националната опера и балет. Либретото на балетот се базира на народните преданија и на современата поезија на македонски автори, во кое централно место зазема песната „Везилка” на великанот Блаже Конески.
Како што посочуваат од НОБ, „Сага” (идентитети) претставува возбудливо патување низ ритамот на седмата осмина, а низ заедничка креација со Националниот балет, кореографката Рисима Рисимкин подготви национално дело, инспирирано од музиката, традицијата и од современото македонско поетско творештво. Таа прави симбиоза помеѓу битовата, класичната и модерната танцова лексика, преточена во музиката на светски познатиот композитор Тони Китановски. Костимите се на повеќе пати наградуваниот костимограф Благој Мицевски, а сценскиот дизајн е на Матеа Мијановиќ, чии сценографски решенија добиваат одлични оцени на познатите танцови светски сцени.
„Ме радува моментот на соединување со ансамблот на Националниот балет. По подолг период, ѝ се радувам на можноста за заедничка креација со извонредните солисти и со ансамблот, кои беа реална инспирација за создавање на „Сага” – вели кореографката Рисимкин.
А, токму авторската екипа, во соработка со танчарите на Националниот балет, создаде едно спектакуларно дело, во кое се испреплетуваат историјата, традицијата и современиот уметнички израз.
Во претставата, насловните улоги ги толкуваат примабалерините Марија Кичевска-Шокаровска и Мирјана Попалексова-Атанасова, како и истакнатата солистка Саша Ефтимова, придружувани од Балаж Лочеи (Унгарија) и другите солисти и ансамблот на Балетот при НОБ. Воедно, учествуваат и младите балерини, кои се идната сила на Националниот балет, Наташа Трендафилова-Гацев, Илијана Данилов, Христина Наќевска, машките солисти Игор Велјановски, Ендрју Кук (Англија), Веселин Трајковски, Алфред Јаго (Англија), Франциско Руиз (Шпанија) и Миро Митрачиновиќ.
На сцената на Националната опера и балет ќе видиме триесетина врвни танчари, кои градат магичен, нестварен свет во кој експресивноста го зазема основното место. Со еден збор, обединети со комплетниот ансамбл на Националниот балет, создаваат претстава за луѓето, поминуваат низ историјата и се задржуваат на сегашноста. И токму со ова национално дело Националниот балет ја отвора 74. сезона. (Д.Т.)