Ладењето на воздухот во просториите е корисно не само за удобноста туку и за здравјето на луѓето кога има многу високи температури надвор. Но, ако не се користи соодветно, клима-уредот може да предизвика контраефекти, штетни за човечкиот организам. На пример, ако температурата на ладење е наместена на 24 Целзиусови степени или пониско, а притоа се носи летна облека, доаѓа до настинка

Климатските промени си го прават своето како никогаш досега, со рекордно високи температури во целиот свет, вклучувајќи ја и нашата земја. Употребата на клима-уредите станува сè помасовна така што денес, во светот, има над две милијарди клима-уреди и системи, од кои над 800 милиони се во Кина и околу 400 милиони во САД. Најмногубројни се индивидуалните клима-уреди (сплит-системи), за кои ќе бидат дадени некои препораки понатаму.

Се проценува дека луѓето поминуваат над 90 проценти од времето во затворени простории. Затоа климата во затворените простории има директна врска со нивното здравје, особено кога има екстремно високи температури надвор. Докажано е дека комфорот во работните простории овозможува и поголема продуктивност на вработените.

Обезбедување комфорност

Задача на клима-уредот е да обезбеди комфорност во просторијата, а тоа е, пред сè, температурата на воздухот, која треба да биде 26-27 Целзиусови степени во летниот период. Во овие услови треба да се носи летна (лесна) облека, на пример кошула со куси ракави. За зимскиот период (грејна сезона) важат други препораки.

Ладењето на воздухот во просториите е потребно не само за удобност туку и за здравјето на луѓето кога има многу високи температури надвор. Но, ако не се користи соодветно, клима-уредот може да предизвика негативни ефекти, штетни за човечкиот организам. На пример, ако е наместена температурата на ладење на 24 Целзиусови степени или пониско, а притоа се носи летна облека, доаѓа до настинка.

Да раскажам една вистинска случка во врска температурата на воздухот. Еден мој познајник ме замоли да му помогнам да реши некој технички проблем, во еден погон надвор од Скопје. Беше лето. Ме зеде со кола, нов „мерцедес“ и по кратко време, почувствував многу студен воздух насочен директно кон моето лице. Погледнав на таблата со инструменти и видов дека температурата на клима-уредот е наместена на 20 Целзиусови степени. Веднаш реагирав, возачот да ја постави температурата на најмалку 26 Целзиусови степени. Неговата реакција беше дека 20 Целзиусови степени е фабрички поставена температура и дека нема што да се мешам во таа работа, бидејќи Германците знаат подобро од нас, особено во техниката. Суштината на овој проблем беше во фактот што е купена колата во зима, ама додека да го прифати моето образложение, ние веќе стигнавме таму каде што требаше. А, уште малку требаше да добијам пареза на лицето.

Во период на работа на клима-уредот, прозорците и вратите од просторијата треба да бидат затворени. Доколку се почувствува потреба од свеж воздух, може на кратко да се отвори прозорецот. Големо проветрување се врши прекуноќ и рано наутро и тогаш треба да биде исклучен клима-уредот. Во тој период, ѕидовите на станот ќе се изладат, така што следниот ден вклучувањето на клима-уредот ќе биде малку подоцна во текот на денот.

Струење на воздухот

Брзината на струење на воздухот во просторијата треба да биде најмногу до 0,15 m/s. Струењето на воздухот од клима-уредот не треба да биде насочено кон човечкото тело. Со далечинскиот управувач може да се избере брзината на воздухот (најчесто има три брзини), а со дефлекторот и жалузините може да се избере правецот на струење. Дувањето студен воздух директно кон вашето тело и немањето можност да го избегнете тоа, може да биде опасно за здравјето и тогаш е подобро да немате клима-уред.

Во случаите кога е многу висока надворешната температура, односно кога има голема температурна разлика меѓу надворешниот и внатрешниот воздух (над 10 Целзиусови степени), не треба да се излегува директно надвор, бидејќи наглата промена е како шок на човечкиот организам и можни се фатални последици. Се препорачува претходно краток престој во некој меѓупростор и потоа излегување надвор. Овој проблем е уште поизразен при влегувањето и излегувањето од автомобил кога е многу жешко надвор. Се препорачува претходно да се отворат вратите (или прозорците), во траење од неколку минути.

Современите клима-уреди имаат инвертер и дигитални контролори со кои може да се програмира работата според потребите на корисникот. На пример, автоматско вклучување или исклучување на системот во одреден час во текот на денот. Кај новите модели клима-уреди постои можност за следење и командување преку Интернет, со ви-фи уред.

Ако нема никој дома, клима-уредот треба да биде исклучен. Со ви-фи може да се вклучи клима-уредот пред пристигнувањето дома. Може да се заклучи дека кај најновите модели постојат повеќе можности за штедење електрична енергија.

Најмалку два пати годишно треба да се чисти филтерот за воздух на внатрешната единица. Покрај прочистување на воздухот, тоа влијае и на ефикасноста на работата на клима-уредот.

Надворешната единица е срцето на системот за климатизација, во неа се наоѓаат мотор-компресор и кондензатор. Треба редовно да се проверува дали струењето на воздухот низ кондензаторот (топлински разменувач со ламели) е попречено од нафатени нечистотии и/или лисја. Проверката да се прави пред почетокот на летната и пред почетокот на зимската сезона. Се препорачува обучено лице да го прави чистењето.

Клима-уредите се многу посложени апарати во споредба со другите апарати за домаќинството (фен, пегла, миксер, телевизор и др.), затоа треба да се купуваат од специјализирани фирми, кои имаат обучени лица за монтажа и за сервисирање, имаат резервни делови и им даваат стручни совети на корисниците.

 

Д-р Ристо Цицонков,

редовен професор на Машинскиот факултет – Скопје и член на Извршниот комитет на Меѓународниот институт за ладење (IIR) со седиште во Париз