Внимавајте, обиени автомобили и масовни кражби на грчките плажи 

Кога сте на одмор - отворете четири очи 

1307

    На социјалните мрежи сè повеќе се пишува за непријатни ситуации што на туристите од регионот им се случуваат додека се на годишен одмор. Фејсбук-групата „Грција инфо“, во која членовите, главно српски туристи, разменуваат искуства за плажите, сместувањето, цените, храната… споменуваат и за кражби на плажи, но и за критични точки каде што крадците најчесто оперираат, на паркинзите на големите супермаркети и трговски центри, како  „Лидл“, „Икеа” и „Џамбо“.Според процедурата кражба во странска држава може да се пријави во нашето Министерство за надворешни работи. -За среќа, годинава ниту една кражба не е пријавена во нашето министерство -велат од МНР за весникот ВЕЧЕР и дополнуваат дека доколку во иднина на некој наш сограѓанин му се случи било каква слична непријатна ситуација слободно да се обратат до нивните служби

 

 

Кога патувате надвор од Македонија, бидете внимателни и грижете се за своите лични работи за да не ви се случи нешто непредвидено, како кражба, па да ви преседне одморот. Деновиве социјалните мрежи се полни со информации кои како поминал на одмор и што непланирано му се случило. Една од нив е фејсбук- групата  „Грчка инфо”, каде што може да се прочитаат коментари речиси на сите теми од страна на српските туристи кои летуваат во Грција. Но она што е најзагрижувачко е што во Грција се почесто се случуваат ситни, но и поголеми кражби. Крадците не одбираат кого ќе го оштетат, но препораката на грчките власти се да не се оставаат лични предмети во автомобилите или во ранците на плажа, особено документите за патување.

Ова лето забележани се кражби не само во туристичките места на Халкидики и Олимписката ревиера, туку и во градот Солун. Критични точки каде што крадците најчесто оперираат на паркинзите на големите супермаркети и трговски центри, како  „Лидл“, „Икеа” и „Џамбо“. Немили настани како на филмска лента се случуваат и на отворени паркинзи во Солун. Граѓаните се жалат дека критични локации се во околината на плоштадот „Аристотелис“, но и на паркингот кај аквапаркот во Солун.

-Се врќавме од Калитеа, каде што бевме на годишен одмор. Кога наближивме кон Солун, одлучивме да одиме на шопинг во „Икеа“. Паркингот беше преполн со возила и речиси и да немаше место каде да се паркираме. Во еден момент забележавме едно слободно место, а кога почнавме да се паркираме забележавме стакло на асфалтот. Шокот беше уште поголем кога видовме автомобил со скопски регистарски таблички, на кои што сите стакла му беа искршени, освен задното, а автомобилот беше празен. Веднаш се откажавме од пазарување, но се загрижив за нашите сограѓани и бељата што ги снашла. Побаравме некој од обезбедувањето за да ги информираме, но за жал на толку голем паркинг такво нешто немаше – ни раскажа една скопјанка која била очевидец на демолиран автомобил.

Весникот ВЕЧЕР контактираше со нашето Министерството за внатрешни работи за да праша дали некој наш сограѓанин пријавил нешто слично. Ни одговорија дека надвор од граничните премини тие немаат никакви ингеренции, па затоа треба да се контактира ресорното министерство во земјата каде што се случила кражбата. Но според процедурата кражба во странска држава може да се пријави и во нашето Министерство за надворешни работи.

-До овој момент, во МНР немаме пријавени проблеми од наши граѓани или случаи на кражби при патување во странски држави, односно во државите наведени во вашето прашање. Нашите граѓани, сите проблеми ги пријавуваат во надлежните полициски станици, се прави увид на лице место или се упатуваат во тие каде што се изготвува записник. Улогата на нашите ДКП-а (Дипломатско конзуларно претставништво) е да се штитат интересите на нашите државјани и асистирање, доколку е потребно, со логистичка поддршка во директен контакт со надлежните институции на земјата на приемот – велат за весникот ВЕЧЕР од Министерството за надворешни работи.

Туристите и граѓаните на Грција во изминатиов период се целосно свесни за проблемите со обивање автомобили на паркинзи, кршење стакла и крадење работи, како и за фактот дека овој вид криминал во Грција е зголемен во последните години и дека добар дел од крадците не се грчки жители. Крадците, како што велат, најчесто го кршат стаклото од автомобилот со цврст предмет или ја кршат бравата, грабнуваат што ќе најдат и веднаш бегаат.

Српските портали ги предупредуваат туристите никако да не одат на шопинг во големите маркети директно од граница, кога автомобилите им се полни со куфери.

-Крадците многу добро знаат дека туристите најчесто купуваат храна веднаш по пат за да не мора да доаѓаат подоцна и знаат дека се полни со вредни работи. Немојте да го правите тоа, а ако треба, нека остане барем едно лице до автомобилот за да внимава на работите – се коментира на социјалните мрежи и порталите.

(В.Ма.)