ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи Беким Поцеста за градоначалник на Дебар

74

На претстојните локални избори што ќе се одржат на 17 октомври, ВМРО-ДПМНЕ настапува со кандидатска листа за советници, додека за градоначалник на Дебар ќе го подржи Беким Поцеста, кандидат на Алијансата за Албанците-Алтернатива, потврди за МИА, Алмедин Шаиноски, претседател на Општинскиот комитет на партијата за Дебар.

-За членови на Советот на општината имаме наша кандидатска листа, на која се вредни млади луѓе, професионалци и интелектуалци, кои се способни да се носат со одговорноста и подготвени се успешно да реализираат проекти кои ќе донесат промени. Носител е Асип Первизоски, магистер по безбедност. За градоначалник ќе го поддржиме кандидатот на Алијасата за Албанците-Алтернатива, Беким Поцеста, познат лекар кардиолог, додаде Шаиноски.

Тој информираше дека за време на посета на Дебар генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајковски покрај другото имал средба со Поцеста.

-Оствари средба со граѓани, ги слушна нивните реални проблеми кои го загрижуваат обичниот човек. Тој се сретна и со кандидатот за градоначалник Беким Поцеста. Ветуваме дека сите заедно рамо до рамо, рака за рака ќе се бориме да ги донесеме промените, да ги реализираме проектите и да се гордееме на победите, рече Шаиноски.

Посочи дека заедно со носителот на листата и предложените кандидати за советници и партиски активнисти продолжуваат со средби со граѓани од врата до врата, како во градот така и во населените места.