Откако во понеделникот скопскиот градоначалник Петре Шилегов на прес-конференција се обиде да се одбрани дека се е легално со неговата семејна куќа и дека прави реконструкција без одобрение, за што од говорницата покажуваше имотни листови и решение за приватизација на градежното земјиште, од ВМРО-ДПМНЕ излегоа со ново обвинување.
Од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека Шилегов во сабота (два дена пред да ја одржи прес-конференцијата), ангажирал институции да му креираат измени на фактичка состојба на документите за дивоградбата.
– Шилегов уште повеќе се заплетка во аферата со дивоградбата на семејната зграда. Во паника од излегувањето на скандалот на 4 септември, во сабота му била впишано право на сопственост на земјиштето, основен предуслов за какви било градежни активности. Била ангажирана цела една институција и вработени во сабота да му го забошотуваат скандалот. Но, дали само катастар или и други институции се ангажирани, дали бил вршен безочен фалсификат на документи во сабота или ноќе за да се покрие дивоградбата на Шилегов – прашаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму велат дека и покрај тоа што цела мината недела Шилегов беше прозиван да одговори на наводите на ВМРО-ДПМНЕ, тој со денови молчеше, бидејќи, како што велат, му требало време за да се фабрикуваат документи.
– Да беше Македонија правна држава ко што не е, да беше ослободено судство кое што не е уште од пред некој ден ќе имаше инспектори на терен, веќе следниот ден ќе имаше решение за уривање на дивоградба, а во исто време некој ќе му подготвуваше кривична пријава за нелегално градење и евентуална злоупотреба на службена должност. Замислете каква е одговорноста за тој кој наместо да го штити градот Скопје од урбаната мафија, самиот е урбана мафија и прешол од другата страна на законот. Граѓаните видоа дека додека Шилегов се богател, граѓаните осиромашувале – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Шилегов рече дека ВМРО-ДПМНЕ води црна кампања кон него и неговата фамилија, која не е само од сега, туку датира наназад осум години.
– Секогаш кога немаат со што да се спротивстават на политиките кои што ги креира Шилегов како пратеник, портпарол или како градоначалник на Град Скопје влегуваат во бескрупулозни лаги и црна кампања со цел да ме компромитираат мене и моето семејство – рече Шилегов.
Тој го презентираше имотниот лист дека тој од 2006 година е сопственик на куќа која што се состои од приземје, прв кат, втор кат и покрив и дека поседува одобрение од Општина Карпош по што во декември минатата година ја започнал реконструкцијата. Покажа и решение за приватизација на градежното земјиште.
(С.Бл.)