Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека Владата и Министерството за култура уште лани пред референдумот договарале програми со косовската Влада со користење на придавката „Северна“.
Ова го изјави Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ. Наведе дека во документот за заедничката меѓудржавна програма сите инволвирани македонски министерства и институции како и името на државата се напишани со придавката „Северна“.
„Според содржината од македонското министерство, Меѓудржавната Програмата од 65 страници била одобрена во Приштина уште на почетокот на септември лани, а во неа насекаде пишува дека се однесува на Република Северна Македонија. Наведени се вклученост во оваа програма на Министерства и агенции од Република Северна Македонија. Дури и во предговорот напишан пред септември 2018 година авторот, косовскиот владин претставник Реџеп Хоти, ги поздравува претставниците, учениците, професорите од Република Северна Македонија, како и министерствата за култура, за образование и наука и други владини министерства и агенции на Република Северна Македонија, како што стои и е наведено во цела оваа Меѓудржавна програма“, вели Стоилковски.
Тој изјави дека во оваа програма сите институции за соработка се наведени со додавката „на Северна Македонија“, а во тоа време, како што кажа не беше ниту започната кампањата за референдумот.
„Откако документот излезе во медиумите, Владата демантираше. Но, документот постои, одобрен е од косовската Влада, од косовскиот претставник Реџеп Хоти, тој го употребува името Северна Македонија, и наведува министерства и агенции на Северна Македонија. Тоа е невозможно за една меѓудржавна програма, без таа да биде претходно мината низ тукашните, овдешните институции“, изјави Стоилковски.
Тој додаде дека Владата е должна да одговори: Кој тоа во име на оваа влада, на владата на Заев договарал со Хоти употреба на Северна, и дали Заев е возможно да не знаел за тоа.