ВМРО-ДПМНЕ: Директорот на протоколот на МНР кој го згреши знамето на Словенија унапреден во амбасадор во Москва

34

Шефот на дипломатијата Бујар Османи не ја кажа вистината кога соопшти дека директорот на протоколот во Министерството за надворешни работи поднел оставка поради „згрешеното знаме“ за време на посетата на словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон, тврди ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата во соопштение наведува оти „вистината е дека е унапреден за амбасадор во Москва“.

– Се поставува прашањето зошто Османи ја лаже јавноста? Неспособноста е длабоко вкоренета во институциите. Како човек кој не разликува знаме, може да преставува држава?, се додава во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Министерот Османи синоќа при гостување во емисијата „24 анализа“ на ТВ24 изјави дека директорот на протоколот во МНР поднел оставка поради тоа што за време на посетата на неговата словенечка колешка Тања Фајон на земјава, на масата каде што седеше со него наместо знамето на нејзината земја Словенија беше истакнато знамето на Словачка.

– Кога имате интензивна агенда се прават грешки. Директорот на протоколот поднесе оставка, иако немаше никаква директна одговорност, која ја прифатив. Тоа се други луѓе, а поради морална одговорност поднесе оставка, а работеше една година, изјави Османи.