ВМРО-ДПМНЕ бара оставка и кривична одговорност за Османи, а тој вели да му се извинат!

62

„Бараме кривична одговорност за Бујар Османи, надлежните органи веднаш да поведат постапка и конечно во Македонија да се поведе соодветна постапка за дела против нарушување на угледот на државата како што е овој случај. Османи веднаш да поднесе оставка од позицијата министер за надворешни работи, тоа е најмалце што може да го направи после ваквиот недржавнички потег кој е понижувачки кон сите граѓани на Македонија“ изјави вчера портпаролката на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

Таа смета дека „срамен, недржавнички и понижувачки е односот на Бујар Османи кој во својство на министер за надворешни работи на меѓудржавна средба не го користи македонскиот јазик како официјален јазик на Република Македонија“.

Митева напомена дека на „официјалната средба на Османи со министерот за надворешни работи на Шпанија преку прес конференцијата јасно се гледа дека Османи единствено го употребува албанскиот јазик, иако е јасно кој е службен јазик на Македонија за меѓународна употреба утврден со Уставот“.

„Бујар Османи во својство на МНР на Македонија во добро познатиот негов надмен и понижувачки стил говори на течен албански јазик, иако е назначен да ја преставува Република Македонија. Оваа власт на СДС и ДУИ, на чело со Османи како МНР трајно ги погазува македонските национални вредности, а македонскиот јазик е една од тие најголеми вредности кои ги има македонскиот народ. Османи да престане да биде лицемерен државник“ рече Митева. Реагираше МНР. Во реакцијата се вели:

Зачудува однесувањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која иако себе си се декларира како партија заштитник на конзервативните вредности, за време на одбележувањето на Велигденските празници, поточно – Велика Сабота, или Ден на длабоко молчење и покој, преку употреба на груби лаги и целосно измислени факти создава етнички тензии и поделби во општеството Заради почитта кон нашите сограѓани, кои во овие денови очекуваат да добијат мир и спокојство за достоинствено да ги одбележат велигденските празници, Министерството за надворешни работи се воздржа од коментирање на непристојното однесување од страна на ВМРО – ДПМНЕ. Сепак, во интерес на вистината, дозволете во целост  да ги демантираме информациите за несоодветна примена на Законот за употреба на јазиците за време на средбите и/или прес конференцијата со Министерот за надворешни работи на Кралство Шпанија, Хозе Мануел Албарез Буено. Примената на Законот за јазици на сите настани што се организираат од страна на Министерството за надворешни работи, кои патем се чести, јавни, и многубројни, е секогаш соодветно имплементирана. На секој настан Министерот се обраќа пред домашната јавност на двата службени јазици дефинирани според Уставот и Законот за јазици, при што Министерството обезбедува превод, соодветно достапен за присутните медиуми. Напоменуваме дека употребата на службените јазици на Република Северна Македонија е материја која е регулирана со закон, каде прецизно е дефинирана употребата на службените јазици на земјава, и истата треба соодветно да се применува без притоа да биде предмет на политичка пресметка. Со оглед дека настаните и прес конференциите се јавна работа, ги повикуваме ВМРО – ДПМНЕ да ги поткрепат тврдењата со некаков доказ, запис или снимка; во спротивно, да покажат почит кон вредностите кои ги застапуваат и јавно да се извинат за непотребното создавање конфузија во јавноста на етничка основа.