Натпартиски кандидат или оној кој ќе добие најголема поддршка од делегатите на партискиот конгрес најавен за 16 февруари е адутот на опозицијата за претседателски избори. Без да коментира кој е негов фаворит за прв човек на државата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави дека очекува уште кандидатури на партискиот оглас за избор на кандидат за претседател, кој завршува утре. Таму досега се пристигнати две кандидатури, кои според информациите се поднесени од пратеникот Владимир Ѓорчев и од партиски член непознат за пошироката јавност.
Во исто време, расте поддршката за кандидатура на професорката Гордана Силјаноска, која според досегашните информации се уште размислува дали да се кандидира за претстојните претседателски избори. Вели дека силно ја допрел повикот, но мора да размисли за тоа дали ќе се вклучи во претседателската трка, бидејќи досега не се гледала себеси на оваа позиција.
Откако триесетина професори, академици и интелектуалци упатија повик јавноста да застане зад кандидатурата на универзитетската професорка Гордана Силјановска-Давкова за претседател на Република Македонија, поддршка стигнува и од поголема група интелектуалци, но и студенти.
Лидерот на најолемата опозициска партија Христијан Мицкоски деновиве во интервју ги повтори барањата за распуштање на Парламентот, формирање на техничка влада и оставка на претседателот на Владата, како што е регулирано со закон.
Прашан дали ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува на претседателски избори доколку СДСМ не излезе на предвремени парламентарни избори, Мицкоски рече дека СДСМ и Заев се плашат од избори затоа што знаат дека ќе загубат.
“ВМРО-ДПМНЕ е силно мотивиран и мобилизиран да учествува на тие претседателски избори кои практично ќе ги победи и на тој начин силно ќе ја подотвори вратата на едни нови предвремени парламентарни избори, ако не сега барем на есен. Затоа е многу поважно да заштедиме на времето, затоа што притисокот на победата на опозицијата на претседателските избори ќе значат огромен товар за владата, изјави Мицкоски.
На “Бихаќка# уште се разговара за заедничко коалиционо решение на владиниот двоец СДСМ-ДУИ, но и таму не се исклучува можноста и за натпартиски кандидат за иден претседател.
Партиските органи на СДСМ на последниот состанок не донесоа одлука кој ќе биде нивен претставник за претседател, ниту пак дали ќе ја прифатат фрлената ракавица од опозицијата и заедно со претседателските избори, да се соочат и на вонредни парламентарни. Одлуката велат, ќе ја донесат до крајот на оваа недела.