Влезот во скопската Зоолошка градина за поединечна посета ќе чини 80 денари, наместо досегашните 50. Тоа е предвидено во предлог-одлуката за давање согласност на Одлуката за цена на услуги во Зоолошката градина на Град Скопје.

Повисоки цени има и на други одредени услуги, но цените на дел од нив остануваат исти.

Билетот за Дино паркот кој допрва треба да се гради кај стариот влез на Скопската зоолошката градина  ќе чини 50 денари, додека билетот за мини Зоо е 20 денари.

За возење во вовчето  за деца над 1 година старост, билетот е 50 денари. Доколку некој сака да јава на пони коњ и тоа пет минути ќе го чини 50 денари.

Организираната предучилишна посета наместо 30 сега ќе биде 40 денари, додека организираната училишна посета, наместо 40 ќе биде 50 денари.

Водењето на едукативна тура е 1.500 денари, а роденденска забава во летниковецот, за два часа, е 2.500 денари. Едукативната роденденска забава со едукатор во траење од два часа и тоа во Едукативниот центар останува 3.500 денари, а иста е и цената за хранење на животни – 1.000 денари.

Изнајмувањето на еко автобус во Зоолошка градина е 1.000 денари, а изнајмувањето на простор за специјални настани (отворен простор) и тоа за два часа чини како и претходно 3.000 денари. Задржана е и цената за изнајмување на простор за специјален настан (затворен простор) за два часа – 5.000 денари.

За деца до три години влезот во скопската Зоолошка градина е бесплатен, а бесплатен е влезот и за лица со посебни потреби, лица сместени во домови и центри за сместување.

Од Скопската зоолошка градина велат дека зголемувањето на цените е оправдано, бидејќи со години тие биле исти.

-Ниту една зоолошка градина во светот нема цена за влез од 50 денари, ниту пак од 80 денари, колку што ќе биде зголемената кај нас. Треба да се има предвид дека имаме голем број на животни и живеалишта што треба да се реновираат. Исто така, имаме трошоци за одржување на Зоолошката градина, но и за вработените. Затоа, сметам дека ниту новоформираните цени не се високи и се достапни за секого – изјави Тина Мицковска, портпарол во Зоолошката градина.

Исто така таа наведе дека и цената за посета на Дино паркот не е висока, бидејќи  ќе има 41 диносаурус и ќе биде тематски.

-Во регионот Дино парковите имаат по 15 диносауруси, а влезот во нив чини 5 евра, а кај нас Дино паркот ќе има 41 диносаурус. Во поголем дел тој ќе биде изграден со донации и спонзори. Во моментов проектот е готов и се подготвува втората фаза, поточно неговата изградба, истакна Мицковска.

(А.П.)