Власта нема време за губење, опозицијата не дава простор за убедување

 Опозицијата останува на ставот дека нема да гласаат за уставни измени под овие услови, па власта повторно го враќа сценариото што го понуди на лидерската средба - гласање за уставни измени, па распишување на предвремени избори. Без оглед на тоа што во опција се и предвремени, редовниот термин за парламентарните избори е в година, и партиите се на низок старт за новото изборното соочување, без оглед кога ќе се распишат изборите за нови пратеници. Освен подготовките на терен и искористувањето на секоја можност за кампања и промоција, во последниве месеци сè почести се и анкетите, кои даваат некаква слика каква ќе биде поддршка кај граѓаните на следното гласање

61

Без каква било шанса за договор и нови поместувања, власта и опозицијата ги вадат од ракав старите џокери. Опозицијата останува ставот дека нема да гласаат за уставни измени под овие услови, па власта повторно го враќа сценариото што го понуди на лидерската средба – гласање за уставни измени, па распишување на предвремени избори. Ако за вакво сценарио нема договор, изборите остануваат за следната година во редовен термин.

Предвремени избори може да има само ако опозицијата се согласи да гласа за уставните измени и потоа да распишеме предвремени избори. Само тоа е опција што како Влада би прифатиле, порачува вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во интервју за „Гласот на Америка“.

– Мислам дека не е време за предвремени избори, туку е време за понесување одговорност и имплементација на нашите обврски. Граѓаните ќе ни бидат благодарни доколку ја завршиме обврската пред изборите, за да не бидат изборите оптоварени, за тоа кој е ЗА а кој е Против уставните измени, затоа што тоа ќе не внесе во нов 10-годишен тунел, од кој не знаеме дали ќе може да излеземе порано од 10 години. Не е време за предвремени избори, време е за носење одлуки, вели Маричиќ, кој е во посета на САД.

За ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да се помести од своите позиции, дали постои план Б и дали е во Вашингтон за да побара поддршка од стратешкиот сојузник – САД, тој вели дека поддршката ја имаме од сојузниците, но не за никаков план Б.

– Поддршка од сите доаѓа, но само за планот А. Тоа е единствениот план што го имаме, а тоа е завршување на уставните измени, продолжување на преговорите со ЕУ, и членство на Северна Македонија до 2030. Секоја партија, секој политичар, којшто ќе се спротивстави на ова, ќе носи историска одговорност, за евентуален негов неуспех. Јас сум сигурен дека имаме доволно време до ноември, да ја убедиме целата пратеничка група или дел од пратеничката група на опозицијата да гласа за овој предлог, затоа што премногу е голем влогот да ја изгубиме оваа шанса. И пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и партијата треба да дадат одговор, зошто работат да ја пропуштиме оваа шанса, бидејќи следната година веќе ќе имаме друг контекст, а ние многу ќе доцниме. Веќе чекавме 17 години да ги почнеме разговорите, нема веќе ниту ден за губење, рече Маричиќ.

И покрај засилениот меѓународен притисок, опозицијата не остава голем простор за убедување, и потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ нема да го смени ставот за уставните измени.

-Разговарав со тројцата министри за надворешни работи од Австрија, Чешка и Словачка, имавме аргументирана дебата во Парламентот, ги кажавме нашите ставови, тие ставови се исти, непроменети, и ако некој ја изолира Македонија, тоа се криминалците од власта поради нивото на криминал и неспособност да спроведат реформи. Промената на Уставот не е критериум за изолирање на Македонија, а од друга страна од истите тројца добив уверување дека во ниту еден момент не го кажале зборот изолирање, туку рекле ќе има задоцнување во процесот, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и потенцираше дека истата порака ќе им биде пренесена и на новата група европски министри кои во Македонија ќе дојдат следната недела.

Без оглед на тоа што во опција се и предвремени, редовниот термин за парламентарните избори е в година, и партиите се на низок старт за новото изборното соочување без оглед кога ќе се распишат изборите за нови пратеници. Освен подготовките на терен и искористувањето на секоја можност за кампања и промоција, во последниве месеци се почести се и анкетите, кои даваат некаква слика каква ќе биде поддршка кај граѓаните на следното гласање.

На наредните избори ДУИ ќе биде лидер во албанскиот политички блок, а согласно последните анализи може да биде и втора партија на ниво на држава, вели во интервју за Гласот на Америка на македонски министерот за економија Крешник Бектеши, кој е член на централното претседателство на ДУИ.

Прашан, дали може да има влијание внатрепартиското несогласување, вели:

„Ние имаме такви примери уште од нашето формирање во 2002 година. Тоа се случува во сите политички партии. Најважно се мисијата, програмата, идејата, визијата на ДУИ да биде преточена во владини програми и проекти за доброто на граѓаните, затоа и расте поддршката кон ДУИ и тоа ќе биде така сигурно и на наредните парламентарни избори“, вели Бектеши.

Последната анкета на ИРИ покажа дека доколку во најскоро време би се одржале избори најголем број од испитаниците се изјасниле дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, а потоа следуваат СДСМ, ДУИ, БЕСА и Левица.

Кај политичарите најпопуларен, односно најпрепознатлив како политичар е Али Ахмети, а по него се Груевски и Мицкоски, па потоа Ковачевски и Пендаровски, но процентите во анкетата се многу мали.      (Ј.Ц.Г.)