Власта и опозицијата со различен диоптер за минималната плата

46

Власта и опозицијата, вчера, во Собранието ги кршеа копјата околу минималната плата и намалувањето на ДДВ-то за храната. СДСМ поднесе два предлог-закона за изменување и дополнување на Законот за минимална плата и за данокот на додадена вредност. Со првиот предлог- закон се очекува минималната плата во државата да порасне на 27.700 денари во нето-износ. Но, од власта не ги прифаќаат законите, кои, според нив,се популистички и имаат цел додворување на гласачите.

Kоординаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, Никола Мицевски, на пленарната седница во Собранието, наведе дека е бесмислено барањето од опозицијата да се намали данокот за додадена вредност, а притоа тотално да забораваат дека тие истите го зголемиле данокот додека биле на власт, со тоа што нивните предлози не кореспондираат со реалноста.

– Морам да констатирам дека граѓаните во државата не се со кратко памтење, имено, СДС и ДУИ бараат намалување на данокот на додадена вредност на основните прехранбени производи од 5 на 0 отсто, заборавајќи или сакајќи да заборават дека и тие го зголемија данокот додека беа на власт за 5 отсто на овие прехранбени производи. Не убедуваа дека не треба да јадеме чипс затоа што не е добар за здравјето – рече Мицевски.

Тој, исто така, истакна дека пратениците од опозицијата имаат несериозен однос кон граѓаните со својата намера да ги убедат во тоа што го кажуваат, притоа заборавајќи дека се памети сето она што се случувало додека биле на власт. Тој додаде дека законите што ги предлагаат немаат поддршка затоа што се популистички.

– Затоа, колеги и пратеници, немајќи конзистентност во политиката, пратеничките групи на владејачкото мнозинство не ви даваат поддршка, затоа што законите што ги предлагате се популистички, а поддршката од деветмина, односно од 13-мина пратеници вкупно на овие закони, ја покажува и вашата интенција, а тоа е додворување на гласачите, кои ве казнија само пред неколку месеци – вели Мицевски.

Од опозицијата велат дека со предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата се зголемува стандардот на граѓаните и ѝ се овозможува поголема потрошувачка кошничка на најранливата категорија граѓани. Со законските измени се очекува основните производи за човечка исхрана да се ослободат од повластена даночна стапка од 5 проценти.

– СДСМ ја изразува својата длабока загриженост за осиромашувањето на народот и за неодговорноста на власта, која продолжува да ги става партиските интереси над интересите на граѓаните. Наместо конкретни и итни мерки за справување со ценовниот шок, власта со своите пасивност и неспособност дополнително ја влошува ситуацијата – соопштуваат од партијата.

СДСМ предложи две конкретни законски решенија, клучни мерки што веднаш ќе донесат олеснување за граѓаните, укинување на ДДВ за основните прехранбени производи, со што семејствата би заштедиле до 2.000 денари месечно; зголемување на минималната плата на 450 евра, што ќе обезбеди достоинствена заработка за секој работник.