Владимир Јанковски: Иднината ќе биде таква каква што никој од нас сега не може да ја замисли 

659
Автор на фотографија: Игор Тодоровски

„Како писател, се обидувам да погледнам во светот и да видам што оваа промена смени кај луѓето, во нивните односи, во нивните реакции. Каква нијанса додаде во она што со милениуми го нарекуваме ‘човечност’… Она што новата ситуација промени кај мене е тоа што романот кој ми беше речиси завршен и кој треба да излезе оваа година, решив дополнително да го проширам со еден дел, во кој клучен аспект ќе биде патувањето. Патувањето надвор, кое многу често е и патување внатре. Така се смени и насловот – од ‘Скриени желби, немирни животи’, книгата стана ‘Скриени желби, немирни патувања’“, открива во интервјуто за весникот Вечер писателот Владимир Јанковски кој на публиката ѝ е познат по романите „Вечно сегашно време“ (2010) и „Невидливи љубови“ (2015)

Со оглед дека состојбата со коронавирусот нè погодува сите, како лично се соочувате со овој предизвик? Како го поминувате времето?

Се обидувам да мислам дека просторите на слободата можат да бидат насекаде. Во физичкиот простор, но и во просторот што го создаваме во нас. Во овие моменти често се присетувам на цитатот од „Хамлет“: „Би можел да бидам затворен во ореова лушпа, а сепак да се чувствувам како крал на бесконечниот простор“. И можеби не е толку важно како конкретно го поминувам времето, што точно правам, колку што е важно каков е пристапот кон сето тоа што го правам.

Ова никој не можеше да го замисли пред некој месец… Како делува врз Вас како автор, писател? Дали ‘карантинот’ ве поттикнува на творење?

Секоја нова егзистенцијална ситуација поттикнува уште еднаш да го преиспитаме она што се случува надвор од нас. Како писател, се обидувам да погледнам во светот и да видам што оваа промена смени кај луѓето, во нивните односи, во нивните реакции. Каква нијанса додаде во она што со милениуми го нарекуваме „човечност“. Поттикот за творење се наоѓа насекаде. Се сеќавате на кинеската мисла за животот во интересни времиња. Мислата во суштина е погрешна! Бидејќи секој од нас може да живее само во она време во кое е роден, најлогично е токму тоа време да биде најинтересно за него. Нема неинтересни времиња за авторите. Сите се интересни! Она што новата ситуација промени кај мене е тоа што романот кој ми беше речиси завршен и кој треба да излезе оваа година, решив дополнително да го проширам со еден дел, во кој клучен аспект ќе биде патувањето. Патувањето надвор, кое многу често е и патување внатре. Така се смени и насловот – од „Скриени желби, немирни животи“, книгата стана „Скриени желби, немирни патувања“.

Кога би требало да ја опишете пандемијата, коронакризата и нејзините последици со некое дело или цитат, мисла, идеја,… кое и што би било тоа?

Хулио Кортасар: „Сеќавањето е огледало кое скандалозно лаже“.

Можеби на нашето општество, на светот му требаше рестарт (нееднаквост, сиромаштија, глад, војни, загадување…). Како ја замислувате иднината?

На нашиот свет му треба нов почеток, но претпоставувам дека тој почеток постојано се случува. Секој ден е нов почеток за светот, без разлика што на прв поглед се чини дека светот оди од една кон друга точка напред. Тој секојдневен нов почеток понекогаш оди на полошо (во контекст на нештата што ги споменавте), но оди и на подобро. Холивудската филмска продукција нѐ тера да размислуваме дека категориите почеток, конфликт, криза, драма, заплет, кулминација, расплет, катарза, нов почеток се одвиваат според некој логичен распоред. След што кулминира со експлозија, опасност за целосна пропаст, која не се случува зашто доаѓа спасението, по кое следува нов почеток. Ваквиот логичен распоред на фазите е лажен. Тој е драматуршки интересен и напнат за гледање, го задржува вниманието, но суштински е лажен. Животот нема врска со тоа. Новиот почеток може да се случи утре, а задутре ситуацијата да биде полоша од денес. И по три дена да се случи нешто што не може да се мери преку категориите подем или пад. Со општествените процеси најчесто е така. Најчесто се потребни децении за да се кристализира мал чекор напред. И огромен труд. На поединци, но и на цели групи. Нашиот однос кон нееднаквоста, сиромаштијата, гладот, војните и загадувањето нема едноставно да се промени по завршувањето на оваа криза. Ништо од ова нема да се промени ако многу луѓе или групи на луѓе интензивно не работат и не посветат огромна енергија на нивна промена. А иднината… Иднината ќе биде таква каква што никој од нас сега не може да ја замисли.

Дали како човештво ќе извлечеме поука од целата ситуација? Или можеби, по неколку години, сè ќе се врати по старо…?

Во последниот месец многу често читавме за поуките што ќе ги извлечеме од целата ситуација. Тоа се само илузии. Човештвото во целина тешко извлекува поука од некоја драматична ситуација. Ужасите што му се случуваат на светот беа огромни, секојдневни и постојани и пред кризата со вирусот. Луѓето сакаат надежи и утехи, но ги сакаат на она површно, „фејсбук-статус“ и „инстаграм-животен-стил-ниво“. Но, животот ја нема едноставноста и површноста на книгите за самопомош и инстант мотивациските цитати, чиј ефект трае неколку секунди по прочитувањето. А потоа сите си продолжуваме со нашите животи какви што си биле пред тие „инспиративни“ моменти. За промени во општеството треба повеќе време, процесите траат подолго и ја немаат онаа едноставна крива која оди само нагоре. Промените во општеството, како и самиот живот, се криви исполнети со голем број надолни и нагорни движења.

Луѓето и претходно беа на некаков вид физичка дистанца (се дружеа генерално преку социјалните мрежи, не многу во живо)… Како ќе биде сега, кога дружењето се ограничува и физички? Сите затворени, во нашите мали ‘простори’…

Релативно брзо ќе се вратиме на надворешниот простор. Во онаа мера во која бевме присутни пред кризата. На почетокот ќе уживаме во привилегијата повторно да бидеме во надворешниот простор, а потоа брзо ќе се вратиме на чувството дека тоа не е нешто ексклузивно. Ние веќе одредено време живееме во кризата на физичкиот простор, во кризата на доживувањето на физичкиот простор. Во неговото шминкање. Во верувањето дека моментално виртуелниот простор е поважен и повлијателен од физичкиот простор. Нашите животи често се случуваат во фикциите на филтрираните фотографии. Ги дотеруваме нашите виртуелни животи. Со уверување дека така го подобруваме нашиот живот. Со уверувањето дека нашиот фејсбук-живот или нашиот инстаграм-живот е оној вистинскиот. Го споредуваме нашиот живот со животот на другите претставен на социјалните мрежи и портали. Веќе некое време боите на природата од реалноста не ни се доволни, па мораме да го зголемиме нивниот интензитет преку ХДР фотографии. Имаме десетина блиски луѓе со кои се дружиме во реалноста и стотици други луѓе кои ја креираат нашата виртуелна реалност. Во последните десет години физичкиот простор ја загуби битката со виртуелниот простор. Погледнато од оваа перспектива, кризава е некое логично надградување на општеството што го создадовме во изминатава деценија.

Како уредник во Готен, што за читателите ќе понуди оваа издавачката куќа во периодот што следи?

Работиме на неколку одлични книги. Наскоро ќе го објавиме романот „Англискиот сосед“ од бугарскиот писател Михаил Вешим. Во оваа книга авторот си поигрува со менталитетот на Балканецот во однос на западниот човек. Духовита книга, додека ја читате постојано се смеете, но не станува збор за површен хумор, зашто во таа смеа авторот артикулира многу сериозни општествено-политички теми. Потоа излегува романот „Терористот“ на хрватскиот писател Емир Имамовиќ Пирке. Книга во која на нетипичен начин се обработува прашањето на поврзаноста на босанските муслимани со терористичката група ИСИЛ. А за неколку месеци излегува и романот „Поврзувања“ на француската писателка Емануела Пагано. Роман составен од стотина фрагменти за различни видови љубовни односи.

Дали и колку уметноста губи или ќе изгуби, какви ќе бидат последиците врз издаваштвото и врз културата, воопшто?

Уметноста секогаш е во корелација со животот, општествените процеси, случувањата во светот. Затоа ниту губи, ниту може нешто да изгуби. Уметноста ќе продолжи да го толкува и растајнува светот околу неа. А ова несомнено се процеси интересни за толкување. Ќе се создаваат дела кои ќе ги истражуваат новите облици на живот, и дел од тие дела ќе бидат добри, а малку помал дел одлични. Издаваштвото можеби ќе претрпи одредена криза, затоа што економската способност на луѓето ќе влијае и врз можноста тие да ги задоволуваат своите културни потреби. Но, и пред кризата, особено во нашата земја, имавме проблем со публиката, со купувањето и читањето книги, со нивото на културните потреби на луѓето. Независно од кризата, треба многу сериозно да се работи на подигнување на потребата на луѓето да читаат, да гледаат добри претстави, да посетуваат ликовни изложби итн. Уметноста е една од неколкуте гранки на човековата активност што се обидува да продре во тајните на нашите животи. А доброто образование му дава на поединецот алатки за нејзино квалитетно користење. Затоа повторно ќе треба да си ја кажеме старата мантра дека ако сакаме нешто да се смени во светот околу нас, треба прво да почнеме со образованието. (Н.И.Т.)