На старовремската книжевна вечер, на која македонската културна фела му оддаде почит на академик Влада Урошевиќ, во чест на неговиот 90. роденден, за неговото дело, за влијанието, за менторството и за книжевните пријателства зборуваа Лидија Капушевска-Дракулевска, Соња Стојменска-Елзесер, Владимир Мартиновски, Владимир Јанковски и Оливера Ќорвезироска. Облечени во ретростил, како во 30-тите години на минатиот век, се сеќаваа на својата прва средба со проф. Урошевиќ

Со силен аплауз, многу емоции, солзи и смеа, во носталгичен и топол амбиент, завчеравечер (18 октомври), во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, македонската книжевна и културна фела му оддаде почит на академик Влада Урошевиќ, во чест на неговиот 90. роденден.

На старовремската книжевна вечер, со наслов „Вистинита, но не многу веројатна историја за проф. Урошевиќ, за факултетот покрај Вардар и за четворицата студенти“, за неговото дело, за влијанието, за менторството и за книжевните пријателства зборуваа Лидија Капушевска-Дракулевска, Соња Стојменска-Елзесер, Владимир Мартиновски и Владимир Јанковски, а во улога на домаќинка беше Оливера Ќорвезироска. Облечени во ретростил, како во 30-тите години на минатиот век, се сеќаваа на својата прва средба со проф. Урошевиќ. Потоа му поставуваа по едно лично прашање и по едно прашање по случаен избор.

Влада Урошевиќ, кој непосредно пред настанот престојувал во Париз, рече дека таму ја посетил големата изложба посветена на 100-годишнината од надреализмот – правецот што оставил голем печат во неговото творештво.

– Сосема е случајно (или не) поклопувањето на денот на моето раѓање (17 октомври) со стогодишнината од објавување на манифестот за надреализмот. Тој бил објавен точно 10 години пред да се родам… Навистина уживав во проследувањето на изложбата и во ова патување, кое беше еден вид подарок што сам си го овозможив за мојот 90. роденден… Убавото чувство продолжува и вечерва, со овој настан. Би сакал да ви се заблагодарам за честа. Гледам многу пријателски лица во публиката. Ви благодарам што со вашето присуство ми помогнавте да преминам од деветтата во десеттата деценија на животот… но и да заборавам колку години имам – рече Урошевиќ, а во продолжение раскажа низа анегдоти од професорските денови, патувањата, за неговите дела и за случки што го инспирирале да пишува.

– Знаат да ми речат дека, каде и да одам, барам некоја приказна за пишување, но не, мислам дека фантастиката ме бара мене… За да пишувате, треба да поседувате извесен фонд на знаење. Но, мислам дека кога ќе се наголеми тој фонд, може да биде пречка. Мора да се отфрли еден дел од ерудицијата, па дури и од интелигенцијата. Ако го натрупате во текстот сето тоа што го знаете – од тоа не може да излезе ништо, мора да се биде во еден момент помалку интелигентен за да се напише добро дело… Тој што мисли дека е голем писател и дека сето она што го напишал е генијално е обична будала. Да се поседува извесна (но не преголема) доза самокритичност – рече Урошевиќ.

Откри дека сликарството е, можеби, едно од нештата што најмногу влијаеле врз неговата имагинација.

– Особено сум чувствителен на визуелното, на сликата. Од најмладите денови, кога ми даваа моите родители да си играм со енциклопедиски изданија. Втора фасцинација на моето подоцнежно детство беа стриповите. Мене стриповите извонредно многу ми влијаеле, како „Тарзан“, „Флаш Гордон“, „Фантом“, „Мандрак“. Целата таа егзотично- авантуристичка линија во стриповите ме воодушевуваше. Родителите ми купуваа „Политикин забавник“, но сметаа дека не се за мене оние стрип-магазини. Но, јас се снаоѓав. На постарите деца од мојата улица во Дебар Маало им ги давав моите чоколатца и бонбони, а тие ми ги даваа своите стрипови. Овие изданија многу ја збогатија мојата фантазија. И на крајот дојде запознавањето со врвните сликари и со нивните уметнички дела. Ме одушевуваа надреалистите, кои ме инспирираа и ја поттикнуваа мојата имагинација да се заплови во некои непознати води. Инаку, сум пробал да сликам, но имам доволно самокритичност да кажам дека не ме бидува, ја немам таа „интелигенција на раката“ за да нацртам добро дело… Повеќе сакам да уживам во убавите слики на врвните уметници отколку да правам лоши слики – рече тој.

По завршување на студиите, бил оневозможен да остане да предава на Филолошкиот факултет, иако многумина професори му велеле дека треба да биде нивни асистент.

– За жал, имаше печат на моето досие, поради кој не можев да предавам, па работев во телевизија, весници, што, за мене, беше значајно искуство, но во 1981 година професорите од Факултетот ме повикаа и рекоа дека треба да се вратам и да предавам. Така, следните 20 години, колку што останав на Катедрата, за мене, беа најубавите години, затоа што не само што јас ги учев студентите туку и тие ме учеа мене. Имав толку извонредни студенти во тие 20 генерации што поминаа на моите предавања. Беше извонредно да се учествува во нивното формирање и да се задоволат сите нивни љубопитства. Требаше извонредно многу да се знае, дури 10 пати повеќе од она што ќе се каже на предавањата, за да се зборува пред вакви студенти. Тие имаа прашања, чиј одговор тогаш не го знаев, но не велев „не знам“, туку им велев „ќе ви кажам следниот час“. Во меѓувреме, се подготвував да го најдам одговорот – рече тој и посочи дека е многу важно постојано да се учи во животот.

Нагласи дека во животот имал повеќе периоди на учење.

– Во периодот од мојата 17. до 21. година, ја „голтав“ поезијата и стекнував извесно сознание што е поезија, што сѐ е поезија, каква форми имала низ вековите. Потоа, од мојата 32. до 35.-36. година, кога се случи моето поврзување со Париз, кога најдов нови извори и влегов во нови области – сето тоа беше нов период на учење. Трет период на учење беше кога почнав да предавам на Филолошкиот факултет, кога пак седнав да учам. Ако постојано учиме и постојано влегуваме во нешто ново, мислам дека тоа не само што нè збогатува туку и ни ги обновува виталните сили. Ако постојано учите и постојано навлегувате во нешто ново, станувате, на еден друг начин, одново студент и одново млад.

Исто така, истакна дека патувањата се многу важни за секој, но особено за младиот човек. Тие многу нè збогатуваат со нови искуства, визури и со нов начин на гледање на сопствената средина.

– Многупати сум патувал службено, по разни поводи, но морам да кажам дека најдобро се патува за свои пари и во своја режија. Со мојата сопруга, Тања, имав неколку големи и долги патувања низ Грција, Италија и северните фламански простори (Луксембург, Холандија, Белгија…), со посета на музеи. Сето тоа влијаеше на извесен начин врз сето тоа што го напишав потоа… – рече тој.

Настанот беше во организација на „Арс ламина“, која го објави „Вистинита, но не многу веројатна историја за семејството Пустополски, за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, што ја доби престижната награда „Роман на годината“. Исто така, издавачката куќа во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“, повторно објави и три евергрин-наслови од Урошевиќ: „Вкусот на праските“, „Мојата роднина Емилија“ и „Невестата на змејот“.

Творештвото на Урошевиќ претставено и во Москва

Литературна вечер посветена на современата македонска литература, со посебен осврт на делото на академик Влада Урошевиќ, македонски поет, прозен автор, критичар, есеист, антологичар и преведувач по повод неговиот 90. роденден, на 18 октомври беше организирана и во Москва. На литературната вечер, организаторот Олга Панкина го претстави богатото творештвото на Урошевиќ, кое им е познато на руските читатели благодарение на преведените романи од неа „Невестата на змеjот“, „Барајте го гавранот“ („Дива лига“) и „Маџун“, двете поетски збирки „Пеjач во кулата“ за која во 2017 година Влада Урошевиќ jа доби највисоката руска награда за поезија – „Златен витез“ и „Jужна sвезда“. Двете поетски книги се проследени со исклучителни колажи на авторот.

Пред гостите беше прочитан дел од поезијата на Влада Урошевиќ во оригинал и во препев. Особено внимание Панкина ѝ посвети на книгата раскази „Дирижабл над поле со пченки“, која содржи 35 раскази создадени од Урошевиќ во текот на неговото шеесетгодишно книжевно творештво. Збирката беше објавена пред еден месец, во нејзин превод на руски.

– Книгата му е подарок на Влада Урошевиќ за роденденот, но, пред сè, таа им е подарок на руските читатели, кои високо го ценат неговото извонредно творештво – рече Панкина.

Настанот се одржа во Културниот центар „Фазил Искандер“, во рамките на нејзиниот отворен проект „Читаj jа Македониjа!“, кој успешно го реализира од 2014 година. На крајот од настанот, Панкина им подари на сите заинтересирани книги од македонски автори.