Влада Урошевиќ на Саемот на книгата ќе го потпишува „Романот на годината“

49

Под слоганот „Следи ја приказната“, издавачката куќа „Арс Ламина“ ќе се претстави на 35. Меѓународен саем на книгата, кој ќе се одржи од четврти до десетти мај, во СЦ „Борис Трајковски“, Скопје. На нивниот штанд ќе има попусти, промотивни настани и работилници за деца. На програмата се средби со писателите и потпишување книги, од кои се издвојува средбата со годинашниот добитник на престижните награди Роман на годината и „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата – академик Влада Урошевиќ, што ќе се одржи на 6 мај (сабота) во 13 часот.

На 5 мај (петок) во 10 часот ќе се одржи работилница за деца инспирирана од списанието за предучилишна возраст „Ѕвезди“. Два часа подоцна ќе се одржи работилница за ученици од основните училишта на тема: списанијата „Прв детски клик“ и „Детски клик“.

Во сабота (6 мај), покрај настанот со Влада Урошевиќ, на кој ќе го потпишува романот на годината – „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, кој е во издание на „Арс Ламина“, во 18 часот закажано е потпишување на новиот роман од проф. д-р Мимоза Ристова, „Варшавската срна“.

Следниот ден (7 мај, недела) во 11 часот е закажана работилница за деца инспирирана од популарните серијали „Исидора Мун“ и „Мирабела“ од Хариет Мункастер. Во 13 часот, пак, читателите ќе имаат можност да се сретнат со авторите Сибо („Зелениот дворец“, добитник на „Пегаз“ за 2022), Зоран Спасов Ѕоф („Џабе живиш у Скопје“), Ана Стојаноска („Ние“), Марија Ралповска („Мастилна мапа“), Хари Кацановски („Анатрос“), Џон Илија Апелгрен („Забранети луѓе“), Билјана Велковска („Умешност на лутината“), Марко Виденовиќ („До сто и една и назад“), Билјана Лотеска („Жолти чорапи“), Оливија Георгиевска („The Black cat Mara – the hat shubara“), Елизабета Баковска („Бакнежот на пролетта“), Владимир Лукаш („Поклони се и почни“) и Христина Шеќероска („Кула од бројки“).

На 8 мај (понеделник), со почеток во 11 часот ќе се одржи средба со авторката на „Јас сум Миа“ – Јана Мишо, наменета за ученици. Во 12 часот закажана е средба на младите читатели со познатиот писател за деца Васил Мукаетов. Следниот ден (9 мај, вторник) во 10 часот на агендата е работилница за деца инспирирана од едицијата „Емоционална железница“, со фокус на сликовниците од младата авторка Маја Мишевска: „Мравката Тони“, „Бумбарот Боби“, „Гасеницата Кики“ и „Бувот Оли“. Во 12 часот најавена е средба со писателот Велко Неделковски, поттикната од неговата нова едиција за деца „Прегрнати книги“. На последниот саемски ден (10 мај), во 10 часот ќе се одржи работилница за деца инспирирана од сликовницата „Жолти чорапи“ од Билјана Лотеска, која е дел од едицијата „Емоционална железница“.