Септемвриската плата со ветеното покачување од пет проценти ќе се исплати во законски предвидениот рок. Зголемена плата за пет проценти ќе добијат здравствените, социјалните, просветните работници, полицијата, одбраната и целиот јавен сектор, соопштуваат од Владата.
Оттаму наведуваат дека зголемувањето на платите е предвидено со иницијалниот Буџет за 2019 година, а Законот кој го овозможува тоа по скратена постапка се очекува да помине во Собрание во текот на следниве денови.
Ова, како што стои во соопштението, е трето зголемување на платите во здравството и второ во армијата и образование и детските градинки.
-Во насока на зголемување на платите е и мерката за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата, за која со ребалансот на Буџетот за 2019 година се обезбедени 400 милиони денари, наведуваат од Владата.
Целта на оваа мерка е да се стимулира зголемување на платите на вработените во приватниот сектор преку финансиска поддршка за работодавачите кои ќе извршат зголемување на платата на вработените до 100 евра.
Оценуваат дека зголемувањето на платите на администрацијата, како и мерката што е насочена за зголемување на платите во приватниот сектор ќе го подобри животниот стандард на граѓаните.