ВЛАДАТА ЌЕ ТРЕБА ДА ПРЕСЕЧЕ – Државата ќе плати за новите пасоши

188

Министерот за надворешни работи, Димитров смета дека е чесно државата да ги сноси трошоците за пасошите на граѓаните кои овој период вадат нови патни исправи, а чија важност поради промената на името ќе се преполови од 10 на 5 години. Димитров очекува разбирање кај сите во Владата, особено кај премиерот Заев

Трошоците за патните исправи на граѓаните кои ќе извадат нов пасош во транзицискиот период со промената на името, со што важноста ќе се преполови од 10 на 5 години, согласно Преспанскиот договор, најверојатно ќе ги сноси државата, најави во телевизиско гостување министерот за надворешни работи Никола Димитров. Тој појасни дека Министерството за внатрешни работи има редовни планирања за патни исправи, но не може да се распише јавна набавка се додека договорот не стапи на сила и затоа се создава ситуација, граѓани деновиве да добиваат пасоши од Република Македонија, кои наместо за 10 години колку што е нивната важност, ќе мораат да ги заменат за 5 години со новото име на државата – Република Северна Македонија, како што е пропишано со Договоот од Преспа.

Шефот на дипломатијата вели дека веднаш штом Договот стапи на сила државата ќе направи нови набавки, но тоа не може да се случи преку ноќ, туку ќе биде потребно извесно време.

– Ќе има транзициски период. Нема да може преку ноќ. Пасошите за возрасни се со важност 10 години, а според Договор ќе важат 5 години од денот на влегување на сила на Договорт. Тоа е прашање за кое ќе треба Владата да пресече и да одлучи, меѓутоа, мислам дека е чесно за овој напор државата да си ги сноси трошоците. Да не прејудицирам, мислам дека ќе има разбирање кај сите во Владата, особено кај премиерот Заев, изјави министерот Димитров.

На прес конференцијата во средата, пак, портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски рече дека замената на пасошите ќе биде редовна и тоа ќе биде на товар на граѓаните.

– Замената на пасошите ќе биде редовна. Редовната замена на сите останува редовна како и досега. Нема да важат пасошите што се издаваат десет години, туку рокот ќе биде пет години од моментот на отворање на поглавјата и тој трошок ќе биде на товар на граѓаните затоа што ќе биде редовен трошок, рече Бошњаковски.

Од Владата веќе соопштија дека седум дена по ратификацијата на Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО во грчкиот Парламент, државните институции ќе започнат со поставување на таблите со новото уставно име. Според најавите Атина ќе го ратификува протоколот на 8 идниот месец, што би значело дека за две недели Република Македонија ќе треба да започне со промена на називот во Република Северна Македонија во сите државни институции и документи. Рокот до кога тоа треба да го направат не е одреден, но постапката почнува веднаш.