Според најновите податоци објавени од Меѓународниот совет на аеродроми, а се однесуваат за периодот јануари-август 2024 година, во однос на истиот период од 2019 година, авиосообраќајот во Македонија бележи раст од 19,6 проценти.
Во првите 6 месеци, јануари – јуни, од 2024 година, ТАВ Македонија, опслужи вкупно 1.458.299 патници и 11.843 летови. Оттаму информираа дека бројот на опслужени патници ги надмина бројките од истиот период во 2023 година за 9 проценти, додека бројот на летови е за 15 проценти повисок за периодот јануари – јуни во 2023 година.
Со цел да го подобри воздушното поврзување, новата влада планира да започне нова шема за субвенционирање на нови линии од аеродромите во Скопје и Охрид и за превезени патници за следната година. Министерот за транспорт, Александар Николоски, најави формирање на работна група која ќе ги испита можностите за зголемување на бројот на летови од аеродромите во Скопје и Охрид.
– Планираме следната година да лансираме нови дестинации што ги немаме од Скопје и Охрид. Ќе започнеме преговори со меѓународни авиокомпании што нудат брзи и евтини летови и убеден сум дека следната година ќе имаме многу повеќе дестинации, сè со цел, да донесеме што повеќе туристи, а и граѓаните поевтино да патуваат на што повеќе дестинации – кажа Николоски, но не ја прецизираше вредноста на планираните нови субвенции ниту дали ќе биде распишан јавен повик.
Владата досега има спроведено четири тендери за субвенционирање на авиопатници и сите ги има добиено унгарскиот авиопревозник „Виз ер“, освен последниот во 2023 година кога беше вклучен и германскиот авиопревозник „Луфтханза“. Со субвенции од Владата, германската авиокомпанија воведе една нова авиолинија – од Скопје до Франкфурт, а „Виз ер“ требаше четири – од Скопје до Луксембург, Штутгард, Салцбург и до Љубљана, но не ги воведе сите планирани нови линии врз основа на кои го доби претходниот тендер поради тековните проблеми со возниот парк.
Со шемата за субвенционирање за 2023 година се предвидени државни средства во износ од седум евра за секој патник што ќе тргне од Скопје во следните три години. Според условите од програмата за субвенционирање, авиокомпаниите се обврзани да продолжат со новоотворените линии по завршувањето на субвенциите, во спротивно ќе треба да ги вратат средствата.
И од аеродромскиот оператор ТАВ Македонија работат на активности за привлекување нови авиокомпании и за отворање нови авиолинии на скопскиот и охридскиот аеродром, како и на постојаното подобрување на квалитет на аеродромските услуги за што е доказ деветтата АSQ награда добиена врз основа на мислењата на патниците.
Од земјите во регионот Хрватска има раст на авиосообраќајот од 18,2 проценти, Србија од 32 проценти, а Црна Гора има намалување на бројот на превезени патници од 12,5 проценти. Според Меѓународниот совет на аеродроми, значителен раст од 71,2 проценти бележи Косово, а најголем раст 259,4 проценти, што ја вбројува на прво место во Европа, е Албанија. Услугите на тиранскиот аеродром, од каде моментно може да се патува на повеќе од 100 дестинации, ги користат и сè поголем број македонски, косовски и црногорски граѓани.
(С.Бл.)