Жичницата на Средно Водно ќе се догради, односно ќе ја добие одамна најавуваната втора фаза, на потегот од Капиштец до Средно Водно.
Како што истакна Ивица Томовски, директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата, сега се прават анализи и пресек на проектот.
– Тоа го правиме за да се види колку е исплатливо и возможно да се направи тоа. Проблем е паркирањето кај црквата „Свети Јован Крстител“ во Капиштец. Треба да се види како може да се изведе тоа – изјави Томовски.
Тој откри дека планот на премиерот Христијан Мицкоски е откако ќе се направат сите анализи, до средината на јануари да излезе на прес- конференција на која ќе објави кои објекти од проектот „Скопје 2014 година“ ќе се прават.
Жичницата од Средно Водно до Милениумскиот крст беше изградена во текот на претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ и беше пуштена во употреба на 3 јуни 2011 година. Австриската фирма „Допелмаер“ ја градеше жичницата, која чинеше 6,7 милиони евра. Има 28 кабини со носивост од 640 килограми и капацитет за осум лица, како и две ВИП-кабини за по четири лица. Гондолите од надворешната страна се опремени со држачи за велосипеди.
По реализирањето на првата фаза, беше најавено дека ќе има и втора фаза. Според тогашниот проект на Министерството за транспорт и врски, се предвидуваше првата станица на жичницата да биде кај црквата „Свети Јован“ во Капиштец, оттаму да застане кај Детската болница „Козле“ и потоа да продолжи кон Средно Водно и Милениумскиот крст.
Во 2015 година, тогашниот премиер, Никола Груевски, кажа дека Владата ќе одвои 8 милиони евра за втората фаза на жичницата, но тој проект не се реализира. По доаѓањето на СДСМ на власт во 2017 година, овој проект не се спомена, односно не беше меѓу проектите на Владата.
(А.П.)