Владата им скрои покачување на пензионерите по швајцарски модел!

Според новата методологија, која е работена според „швајцарски модел“, оние пензионери што имаат најголеми пензии, ќе добијат зголемување од околу 5.000 денари, а оние со најниски – од 900 денари. Оваа голема разлика во сумата на зголемување на пензиите наиде на низа коментари на социјалните мрежи.. Зголемувањето ги разлути пензионерите и наместо задоволство, им создаде разочарување и револт.

905

Пензионерите почнаа да ги добиваат мартовските пензии зголемени за 8,4 отсто. И покрај реакцијата на пензионерите и на граѓаните на социјалните мрежи, кои бараа линеарно зголемување и според кои процентуалното зголемување не е во ред зашто големите пензии ќе станат уште поголеми, а кај најмалите нема ни да се почувствува тоа, сепак, методологијата не се промени. Од Владата информираа дека пензијата е право стекнато од работниот однос, а не социјално право и поради тоа ќе се доведе во прашање законитоста на оваа одлука.

Порастот на пензиите е пресметан во согласност со новата методологија, која налага постојан раст на пензиите согласно со порастот на инфлацијата. Со оваа методологија, оние пензионери што имаат најголеми пензии, ќе добијат зголемување од околу 5.000 денари, а оние со најниски – од 900 денари. Оваа голема разлика во сумата на зголемување на пензиите наиде на низа коментари на социјалните мрежи. Граѓаните велат дека трошоците се зголемени за сите и затоа и зголемувањето треба да биде исто. Зголемувањето ги разлути пензионерите и наместо задоволство, им создаде разочарување и револт. Една пензионерка вели дека треба да има зголемување од 5.000 илјади денари за оние со најмали пензии.

Според премиерот Димитар Ковачевски, не може да се промени методологијата за преметка на порастот на пензиите и затоа тие што имаат најниски пензии, земаат месечен надоместок од 3.000 денари.

– Секој март, пензиите се зголемуваат согласно со порастот на инфлацијата и на просечните плати. Сега, во март, тие се зголемија за 8,4 отсто, а оние што имаат пониски пензии, примаат месечен надоместок. Пензијата е право од работниот однос, а не право од социјална заштита и ако се направи тоа, се доведува во прашање законитоста на таа одлука. Затоа донесовме одлука за доделување еднократен финансиски надоместок за оние што имаат пониски пензии – појасни Ковачевски.

Според него, оваа методологија дава резултати на долг рок и е работена заедно со Сојузот на здруженијата на пензионери според „швајцарски модел“. Усогласувањето, според оваа методологија, се врши два пати во годината, односно во март и во септември и ги следи зголемувањето на трошоците за живот и покачувањата на просечната плата.

Ако се земе износот на просечната пензија што е исплатена во декември 2022 година од 17.727 денари, во согласност со последните податоци објавени од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, со зголемувањето од 8,4 отсто, просечната пензија ќе се зголеми за околу 1.500 денари, односно ќе изнесува 19.227 денари. Највисоката пензија во државата во декември 2022 година изнесувала 64.394 денари, а корисници биле 74 пензионери, кои во март ќе добијат зголемување за 5.400 денари, односно пензиите ќе им изнесуваат 69.794 денари.

Додека, пак, најсиромашните пензионери, кои се вбројуваат во групата со минимална пензија во износ од 11.535 денари, а која ја примаат 45.977 пензионери, со мартовската пензија ќе добијат зголемување од околу 970 денари, односно пензијата ќе им изнесува 12.500 денари.

Следната група пензионери со најниски пензии се оние што во декември минатата година зеле пензија во износ од 12.193 денари, а нивниот број, согласно со податоците од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, бил 17.515. Се очекува оваа група да добие повисоки пензии за 1.000 денари, односно мартовската да им изнесува 13.200 денари.

И од партијата Левица претходно побараа промена на методологијата за пресметка на пензиите. Од партијата реагираа дека во услови на економска криза, со огромна стапка на инфлација и со енормно зголемување на цените на основните прехранбени продукти, недозволиво е процентуално зголемување на пензиите.

Методологијата за усогласување на пензиите има цел да ги амортизира проблемите што настапуваат од зголемувањето на цените и трошоците за живот, а во насока на подобрување на квалитетот на животот на пензионерите. Зголемувањето на пензиите согласно со оваа методологија не само што не ѝ служи на целта за која е донесено туку го зголемува и финансискиот јаз помеѓу пензионерите.

 (A.С.)