Селективен бојкот на локалните избори на сите кои дозволуваат гасна централа да го загадува Неготино, бараат од граѓанското здружение „Ековита“. Тие се против најавената стратешка инвестиција на Владата во Дубров,о која ќе преработува и согорува над 700.000 тони годишно комунален отпад од цела Македонија.
– Од Војшанци и Тремник почната е петиција да не се гради гасна централа во нашиот крај и веќе има над 400 граѓани кои се против. Неготино мора да е без загадувачки индустрии. Играњето со природата или одењето против неа може да донесе само проблеми а не решенија, посебно проблеми врз здравјето на граѓаните. Затоа не треба да се наметнува со решенија за кои ќе предизвикаат штети во Вардарскиот регион, во срцето на грозјето. Решението најпрво треба да се побара во примарната селекција и рециклажа на комуналниот отпад. Дозволата да се преработуваат и горат 700.000 тони комунален отпад во Неготино, претставува злосторство кон своите граѓани – децидни се од „Ековита“.
И покрај реакциите на еколошките здруженија од тиквешкиот крај дека се против изградба на фабрика за производство на енергија од отпад во Неготино, премиерот Зоран Заев вели дека постапките течат и само се чека на правно-формални аспекти од надлежните институции, по што Владата ќе донесе одлука за усвојување на проектот. Потоа следува уплата на банкарската гаранција од 10 милиони евра од страна на инвеститорот, па давање на зелено светло до македонскиот парламент.
– Се работи за целосно еколошки затворен проект каде што по пат на плазма или без согорување од сето она што останува како домаќински отпад, се влече природниот гас заради производство на електрична енергија којашто ќе биде супституирана со 180 евра од мегават. Тоа го прави самиот проект профитабилен и одржлив. Дополнително во самиот проект ќе постои претселекција каде што се што може да се продаде од пластика, железо, хартија, стакло итн. ќе биде влезен импут во приходите на самиот проект. Вакви проекти постојат педесетина во Германија, 20-30 во Австрија, неколку во Словенија. Тие успешно функционираат – истакна Заев.
Вкупната инвестиција на проектот е 327 милиони евра и се обезбедени од приватната компанија „Зока трејд“, а парите доаѓаат од Луксембург.
– Инвестицијата е во согласност со Законот за стратешки инвестиции. Покрај системот со сите сепарации што ќе се прават околу фабриката за производство на енергија од отпад, ќе има и 22 станици и потстаници и 100 камиони за транспорт на целиот отпад. Ова е навистина нешто што светот веќе го има и го практикува и верувам дека ќе го имаме набрзо – рече Заев.
Премиерот неодамна побара поддршка од граѓаните на Тиквешијата за реализација на овој проект уверувајќи ги дека фабриката која ќе го преработува отпадот ќе опслужува пет плански региони во земјава или 48 општини и дека ќе го поттикне економскиот развој со отворање на нови работни места и ангажирање на голем број локални компании. Тој посочи дека најсовремената технологија што ќе се употреби е безбедна и нема да загадува.
И од опозицијата се изјаснија против овој проект за кој сметаат дека на среде земјоделски регион Владата им носи опасност од енормно загадување. Се сомневаат и во инвеститорот од Луксембург.
Граѓанскиот инспекциски совет (ГИС) неодамна побара Владата јавно да каже кој е инвеститорот на новата фабрика за отпад во Неготино што е најавена како стратешка инвестиција, да го соопшти неговото име, да прецизира каква технологија се планира за овој објект, колку ќе чини и кој ќе гарантира за нејзиното стручно инсталирање и примена.
– Во јавноста допреа различни спротивставени информации. Од една страна се официјалните – дека се работи за современ, еколошки и безбеден, веќе применет модел на управување со отпад, а од друга се слушаа критики за кредибилноста на инвеститорот како правно лице, на стручниот советник кој наводно стои зад техничкиот дел од проектот, но и за проектот во целост – истакна координаторката на ГИС, Лилјана Поповска.
Координаторката, пак, на Работната група за отпад, Невена Георгиевска, напомена дека ГИС само бара транспарентност и увид во податоците. Може да се најде на интернет поради што има сомнежи кај граѓаните.
– Затоа бараме Владата да излезе со точно и детални информации во однос и на тоа колк граѓаните ќе ги чини овој проект. Сите сакаме да го решиме проблемот со отпад и за поздравување е тоа што Владата го најави. Но, треба да се каже и во кој временскиот период ова треба да се реализира и што до тогаш – рече Георгиевска.
Според неа, до граѓанските организации допираат различни информации, на едно место било спомнато комунален отпад, а потоа било кажано и медицински отпад.
– И во однос на технологиите, се вели дека е иста фабрика како Топларна – Целје, но се спомнуваат и фабриката за управување со отпад во Неготино ќе придонесе за санирање на дивите депонии и дека нема да претставува никаква закана за почвата, водата и воздухот. Во постапката за изградба, пак, најави Заев, ќе бидат спроведени сите законски обврски и ќе бидат запазени сите пропишани стандарди за заштита на животната средина – коментира Георгиевска.
Зелен меморандум
Здружение на граѓани „Ековита“ од Неготино подготвува „Зелен меморандум“, кој ќе го понуди на кандидатите за градоначалници и носители на советнички листи да го потпишат и со тоа да се обврзат дека во општина Неготино нема да се дозволи отворање и изградба на инвестиции од загадувачки карактер, посебно со ознака Г1 – тешки загадувачки индустрии кои се сомнителни и би се одразиле штетно на целокупната животна средина во општината, а пред сè имаат негативно влијание врз здравјето и животот на нашите сограѓани!
– Сите оние што претендираат за високи локални позиции во нашата општина мораат да потврдат дека се грижат за иднината на младите и граѓаните на Неготино. Ќе се обврзат дека ќе ја почитуваат Архуската конвенција, односно дека ќе ги информираат и консултираат своите сограѓани кога ќе носат одлуки од областа на животната средина. Граѓаните ќе бидат известени кои кандидати се потпишани и ќе бидат поддржани на локалните избори. Оние кои нема да го потпишат „Зелениот меморандум“ ќе се повикаат на граѓаните за селективен бојкот на локалните избори – велат од „Ековита“.
(С.Бл)