Триесетина мали фабрики или погони за производство на мебел и столарија за загревање на работните простории користат иверка или отпадоци од производствениот процес и со тоа го загадуваат воздухот. Станува збор за 19 фабрики за мебел во тетовско и околу 10 во Гостиварско.
Од граѓанското здружение “Еко-герила” на отворениот ден во Владата што се одржа пред десетина дена и каде беше презентиран Планот за чист воздух за 2019 година, беше покрената иницијатива државата да им помогне на овие производствени капацитети да постават филтри и да не го загадуваат воздухот во Полошко.
– Повеќето од овие производни капацитети кои се од “Б” категорија остваруваат профит, нивните газди се добри луѓе и не сакаат да загадуваат, но веројатно немаат решение. Можеби повеќето од нив и не знаат дека постојат такви филтри. Сметаме дека добро би било Владата, по примерот на “Југохром” да им помогне или преку субвенција за купување на филтри или пак, со понуда на ниско каматни кредити – рекоа од “Еко-герила”.
Нивната иницијатива беше слушната од заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, по што следуваше експресна реакција од Владата и истата беше прифатена.
– На последната седница на Владата официјално помина и Програмата за намалување на загадувањето на воздухот. Во рамките на оваа програма беше прифатен и предлогот на граѓанската организација “Еко-герила” од Тетово за поставување на филтри во повеќето објекти и компании во Полошко што работат со дрво и столарија, при што дел од нив го користат својот отпад за затоплување, што како последица има штетни емисии во воздухот – изјави Макрадули.
Од “Еко-герила” сметаат дека вакви филтри можат да се набават од странство, но, според нив, подобро би било да ги произведува локално социјално претпријатие кое би ги продавало на домашниот пазар по прифатлива цена.
– Ваквите филтри не би се користеле само во полошкиот регион, туку и низ цела Македонија каде што производствени капацитети ќе имаат потреба. Со тоа загадувањето на воздухот многу би се намалило – велат од ова тетовско здружение.
(С.Бл.)