Вкупно 120 планинари денеска се искачија на Царев врв

65

Во организација на Здружението за планинарење и заштита на планината „Калин Камен“, Крива Паланка и „I love hiking“-Скопје, денеска успешно се реализираше акцијата за искачување на Царев врв на Осоговските планини, на 2085 метри надморска височина.

Во акцијата учествуваа сто и дваесет планинари од Крива Паланка, ЗПЗП „Калин Камен“, од ПК „Козјак“-Куманово, од „I love hiking“-Скопје и „Фри хајкинг“-Неготино.

– Денешната акција е дел од здравата иницијатива „Излези и диши“ која отпочна неодамна, со оглед на екстремно загадениот воздух кој го дишеме и опфаќа мали кратки тури на нашите планини каде има воздух за сите. Искачувањето на Царев врв (Султан тепе) е најлесна долга тура, удобна за сите уживатели на планината, долга околу петнаесет километри, со висинска разлика од 745 метри. Ја реализиравме во одлични зимски временски услови со сонце и без ветер, но со длабок и мек снег. Сите планинари успешно го искачија врвот, а денот помина во одлична атмосфера и дружење, информира Соцко Тасевски од ЗПЗП „Калин Камен“.

Наредната тура во организација на друштвото е во чест на Февруарскиот поход, а ќе се изведе кружно околу село Петралица, со посета на двата манастира во тој предел.