Според податоците на Заводот за статистика од 2013 година до 2017 година од државава официјално се иселиле 3033 лица, но она што е загрижувачко и државата под итно треба да го вклучи црвениот аларм е тоа што според податоците кои ги добивме од МВР, последниве пет години 7.223 лица побрале и биле испишани од македонското државјанство
Егзодусот на македонските државјани од сопствената држава зазема замав. Секојднево, претежно младите ги пакуваат куферите и во потрага по подобар живот ја напуштаат државата. Одлуката да заминат од сопствената држава за некои од нив е конечна. Причините зошто населението бега од Македонија се различни, но најчесто надвладуваат економските и политичките.
Според податоците на Заводот за статистика од 2013 година до 2017 година од државава официјално се иселиле 3.033 лица, додека пак според податоците на Еуростат од 1998 година до 2011 се отселиле 230 илјади луѓе и тие имаат регулиран престој во странство. Но, она што е загрижувачко и државата под итно треба да го вклучи црвениот аларм е тоа што според податоците кои ги добивме од МВР, последниве пет години 7.223 лица побарале и добиле испис од македонското државјанство. “Согласно член 17 од Законот за државјанството на Република Македонија, во 2014 година 1.199 лица се отпуштени од државјанство на Република Македонија, во 2015 година 1201 лице, во 2016 година – 1.476 лица, во 2017 година 1.526 лица добиле отпуст државјанство на Република Македонија и во 2018 година – 1.621 лице”, велат за ВЕЧЕР од МВР.
Меѓу лицата кои одлучиле да раскрстат со нашето државјанство е и младата брачната двојка Горан и Верче Илиевски. Тие имале двојно државјанство и македонско и германско. Но лани, одлучиле да го избришат македонското. На прашање зошто го сториле тоа речиси едно гласно одговорија “Немаме правна сигурност во државава, но и поради економски причини. Од лани тие веќе се странци во оваа држава.
Најмногу македонските државјани се иселуваа во земјите од ЕУ- во Италија, потоа следуваат Германија, Австрија, Словенија.
Согласно анализите на полицијата се гледа дека поголем е бројот на лицата кои бараат отпуст од државјанство отколку на лицата кои добиле државјанство”.
За четри години 2014-2018 година со македонско државјанство се стекнале 5.817 лица.
Сите истражувања покажуваат дека 40 проценти од младите одговориле дека за пет години својата иднина ја гледаат во друга држава.
Трендот на лицата кои се откажуваат од државјанство на матичната држава ги следи и земјите во соседството. Од 1992 година, заклучно со 2017 година, во Хрватска 86.746 лица се одрекле од хрватското државјанство. И Косово е со изразено емиграциско движење ако се анализира односот на лицата кои побарале државјанство и оние кои биле отпишани од државјанство изнесува 18 спрема еден, во корист на оние кои веќе не се водат како државјани на оваа земја.
Црна Гора работи систематски на зголемување на бројот на своите државјани во однос на исписот на истите. Но, само за една година (2016-2017 година) врз основа на лично барање биле избришани 1.100 државјани,а само минатата година државјанство изгубиле 366 лица.
Слична е и ситуацијата во Босна каде што за неколку години испис добиле 80.000 лица, додека пак во Србија за 12 години од српското државјанство се откажале 37.601 лице.
Иселувањето е во нагорен тренд последните години и тоа не е некоја тајна. Според Национална стратегија за вмрежување, соработка и намалување на одливот на високообразовани и стручни кадри 2013-2020 година, речиси 30% од високообразованите луѓе во Македонија, живеат и работат во странство, а речиси 80% од студентите во завршните години на студиите на техничките факултети размислуваат или планираат да заминат од земјата. Вкупниот број наши граѓани кои денес престојуваат во странство е мошне голем и може да се процени на над 447.000 лица, што претставува речиси 22% од вкупното население во 2010 година, при што проценката на Светска банка е дека надвор од Македонија живеат и работат повеќе од 29% од високообразованите поединци#, се нотира во стратегијата.
Но сите лицитации со бројките за внатрешна употреба се ставаат под знак прашалник, бидејќи најзначајната статистичка операција пописот, не е спроведена уште од 2002 година.
Кога престанува државјанството?
Во согласност со Законот за државјанството на Република Македонија државјанството може да престане со отпуст и според меѓународни договори.
Државјанство ќе престане со отпуст ако лицето кое поднесло барање за отпуст ги исполнува следниве услови: да наполнило 18 години живот, да ги намирило имотно-правните обврски спрема државните органи; да ги намирило имотно-правните и другите законски обврски од брачниот однос и од односот на родители и деца спрема лицата кои живеат во Република Македонија, да достави доказ од надлежен орган дека не е поведена стечајна постапка, односно постапка за престанок на трговскотодруштво, чиј основач или содружник е, односно за трговецот поединец, против него во Република Македонија да не се води кривична постапка поради кривично дело за кое се гони по службена должност или ако е осудено на казна затвор, казната да ја издржало и ако има странско државјанство или да докажало дека ќе биде примено во странско државјанство.