Вицегувернерката Митреска на тркалезна маса во организација на ЦЕФ

140

Вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, учествуваше на тркалезната маса на тема „Обезбедување ефективна координација на централните банки и министерствата за финансии“, којашто се одржа во вторникот во Кишињев, Молдавија, во рамки на програмата на годишниот состанок на Управниот одбор на Центарот за извонредност во финансиите (ЦЕФ). Во дискусијата на тркалезната маса, таа се осврна на процесот на постојано унапредување на институционалната структура и на корпоративно управување во централните банки, како основен предуслов за успешно остварување на нивните цели.

Акцентот во своето излагање Митреска го стави на факторите коишто во последниов период имаат ефекти врз институционалната поставеност на централните банки во регионов, но и на министерствата за финансии, како и на механизмите за меѓусебна соработка и координација меѓу двете институции. „Првиот фактор е од генеричка природа и се однесува на промените коишто ги наметна појавата на глобалната криза од 2008 година, додека вториот фактор е поспецифичен за регионот и се однесува на процесите на интегрирање на земјите во Европската Унија, коишто бараат интензивна соработка и координација на институционално ниво” – истакна таа на почетокот на излагањето.

Потоа, вицегувернерката укажа на промените што ги предизвика глобалната криза преку проширување на функциите на централните банки, особено во доменот на макропрудентната политика. Таа нагласи дека овие промени делуваат врз институционалната рамка и управувањето и на централните банки и на министерствата за финансии, но и кај другите регулатори на финансискиот систем. Во тој контекст, во своето излагање Митреска ја презентираше тековната поставеност во нашава земја и се осврна и на насоките за идните промени, коишто ќе се остварат со цел усогласување со најдобрите меѓународни практики.

На тркалезната маса се дискутираше и за ефектите што ги предизвика глобалната кризата со засилување на т.н. економски надзор на Европската комисија, особено преку процедурата за макроекономски нерамнотежи. Како што беше истакнато, тоа ја зголемува потребата за блиска координација и соработка меѓу централните банки и министерствата за финансии во процесот на обезбедување конзистентни и квалитетни податоци, како основа за следење на економијата во различни фази од процесот на евроинтеграција на земјите кандидатки за членство во европското семејство. Вицегувернерката Митреска посочи на исклучително добрата соработка и институционалната поставеност во овој домен на двете институции кај нас, преку активното функционирање на заеднички работни групи во областа на статистиката, што претставува и позитивен пример на регионално ниво.

По завршување на тркалезната маса, Управниот одбор на ЦЕФ, во кој членува и нашата централна банка, го одржа својот редовен годишен состанок, на кој беа разгледани и усвоени повеќе материјали од доменот на неговото работење.