Во рамките на концертите кои минатата недела беа одржани во Скопје, Гевгелија, Велес и Штип, Вокално – инструменталниот состав „Аманет“ ги изведоа песните од својот најнов албум „Аманет од предците“. Секој од овие настапи беа проследени со голем интерес од љубителите на изворната македонска народна музика

Публиката на четирите концерти на Вокално-инструменталниот состав „Аманет“ одржани минатата недела во четирите града низ Македонија, Скопје, Гевгелија, Велес и Штип, беа дел од едно посебно музичко патување. Заедно со ВИС „Аманет“ тие ја славеа и негуваа богатата македонска музичка традиција.

Овој музички состав кој успешно егзистира на македонската музичка сцена повеќе од пет години пред присутната публика, која со голем интерес ги проследи концертите,изведе голем дел од песните од нивниот најнов албум „Аманет од предците“.

„Овие концерти ни овозможија да ја пренесеме приказната за нашата култура преку музика, споделувајќи ја со сите оние кои ја почитуваат и поддржуваат традицијата“, кажаа од ВИС “Аманет“, кој брои 11 членови:  Андреј Трајковски – гајда/зурла/шупелка, Филип Арилон- гајда/ кавал, Роберт Ангеловски – кавал,

Новица Крстевски- кавал, Христијан Јаневски –тамбура, Оливер Настовски –тамбура, Јане Крстевски –тамбура, Никола Волкановски- тапан и вокалистките Ивана Чаловска-Ангеловска, Ленче Димовска и Симона Спасова.

Дел од сите концерти беше и познатиот актер од македонските народни приказни Владо Дојчиновски, а гостин на најновото ЦД на ВИС „Аманет“ е и виртуозот на зурла и кавал Џељо Дестановски.

На концертите можеа да се слушнат преработки на старите македонски народни песни како „Беда оро“, „Отишло си малој моме“, „Скудринка оро“, „Сношти ни дојдое“, „Зајко Кокорајко“, „Ситна лиса“, „Два орли“…

„Концертите поминаа одлично, публиката беше презадоволна, а особено ние самите членови. Продолжуваме да ја негуваме народната музика и да ја пренесуваме на идните генерации“, велат од ВИС „Аманет“, музичка група составена од млади музичари кои ја сакаат и почитуваат традицијата. (Д.Т.)

ИЗДВОЕНИ