Високогорска акција на Осоговските Планини

78

Високогорска екипа составена од планинари, членови на планинарскиот спортски клуб „Голак“ од Делчево и Софија, Република Бугарија, во саботата ја реализираа зимската високогорска кружна акција за искачување на врвовите Руен, Мал Руен и Сокол на Осоговските Планини.

Стартна точка на акцијата како што информираше претседателот на ПСК ,,Голак”, Љупчо Чучуковски бил рудникот „Саса“.

-Маршрутата започна од рудникот „Саса“, кој се наоѓа на 1.550 метри надморска висина, преку Тракато Брдо (1.800 метри), врв Руен (2.252 метри.), врв Мал Руен (2.206 метри), врв Сокол (2.038 метри), Црна трава (1.700 метри) и повторно назад кон рудникот „Саса“ (1.550 метри). Се работи за три врва кои се наоѓаат во Пијанец, што е мошне важно за нас како клуб, кој има за цел да ги промовира овие помалку познати врвови во Македонија- информираше Чучуковски.

Тој додаде дека вкупната должина на високогорската акција изнесувала 11 километри.

-Овие 11 километри беа поминати во еден многу убаво поминат ден, со многу сонце, без облаци, повремено со среден ветар, снег како и голема видливост, позитивна енергија и многу спокој- истакна Чучуковски.

Вакви и слични високогорски акции од ПСК „Голак“ најавија и за во наредниот период.