Нашиот најуспешен шаховски клуб и еден од најуспешните спортски клубови во историјата на македонскиот спорт – ШК – Алкалоид, е подготвен да ги одмери силите на овогодишниот Европски клупски куп со други ривали за нова европска шампионска титула!

Во клупската историја со гордост остануваат забележани исклучително успешните настапи на Европскиот клупски куп – во 2016 година ШК Алкалоид ја понесе титулата Европски шампион и тоа токму во годината кога клубот одбележа 40 години од своето формирање! Се продолжи со успешен настап и во 2017 година, кога Алкалоид го освои второто место. Интересно е да се истакне дека клупската стратегија и план од 2015 беше во следни пет настапи екипата да освои барем еден каков било медал – фармацевтите со своите извонредни настапи далеку ги надминаа сите очекувања: 2015 – делба на 5. место, 2016 – 1. место, 2017 – делба на 2. место,        2018 – делба на 3. место, 2019 – делба на 4 место.

Потоа следуваше само еден настап во 2021 година, проследено во меѓувреме со реструктурирање на интернационалниот состав на тимот. Во 2023 година македонскиот состав играше на Светското екипно првенство за шахисти над 50 години, каде оствари уште еден успех со освоеното петто место во конкуренција на 22 екипи.

Откако оваа година беше завршена „домашната задача“ со освоената на државното екипно првенство последователна 12.а шампионска титула (по 26. пат во последни 32 години), фокусот на клубот е свртен кон меѓународните настапи.

Во новиот состав на Алкалоид засилувањата повторно доаѓаат од Далечниот Исток: индиските велемајстори Арјун Еригаиси, Аравинд Читамбарам Веераппан, Нараианан,    кинеските велемајстори Ји Веи, заедно со нашиот добро познат (член на екипата од 2015 година) велемајстор Јангјуи Ју, српските велемајстори Александар Инѓиќ и Велимир Ивиќ (кои настапуваа за екипата на државно првенство) и нашиот домашен многукратен шампион интернационалниот мајстор Филип Панчевски.

И во досегашните настапи Алкалоид се покажа извонредно во аналитика и селекција на екипата и посебно во високо професионалната организација на клубот, а посебно со фанатичната страст за градење на успешни екипи – што впрочем е пресликување на корпоративната матрица и начин на размислување од спонзорот Алкалоид АД – Скопје.

Од 84 пријавени екипи, ШК Алкалоид се наоѓа иницијално (според просечен рејтинг на екипата) на второто место. Овој турнир, кој често го нарекуваат и шаховска „лига на шампионите“ годинава ќе се одржи во периодот од 20 до 26 октомври во Врњачка Бања, Србија.

Фактот дека најголемиот успех и европската шампионска титула е освоена исто така кога нашиот северен сосед беше домаќин на првенството, за екипата претставува потстрек со уште поголем мотив да се нападне европскиот трон.