„Вирус Андромеда“ – што ѝ се заканува на Земјата од вселената?

130

Доколку деновиве гледате филмови со вируси и епидемии, еве уште еден предлог за вас…

„Вирус Андромеда“ (The Andromeda Strain) е американски научнофантастичен филм од 1971 година кој прикажува група научници кои се обидуваат да откријат што ја предизвикало смртта на речиси сите жители на градчето Пиемонт во американската држава Ново Мексико. Тие се сомневаат дека станува збор за микроорганизам од вселената што пристигнал на Земјата заедно со сателит на неодамна завршената вселенска мисија.

Филмот е во режија на Роберт Вајс, а сценариото е на Нелсон Гидинг според романот на Мајкл Кричтон. Улогите во филмот ги толкуваат Артур Хил (Д-р Џереми Стоун), Дејвид Вејн (Д-р Чарлс Датон), Џејмс Олсен (Д-р Марк Хол), Кејт Рид (Д-р Рут Левит), Пола Кели (Карен Ансон), Џорџ Мичел (Џексон)…

Филмот почнува кога буквално сите жители на Пиемонт, во Ново Мексико се пронајдени мртви откако на Земјата се вратил вселенски сателит, а првиот човек на Проектот Scoop на американските воени сили прогласува вонредна состојба. Многу години пред овој инцидент, група еминентни научници предводени од д-р Џереми Стоун (Артур Хил) се залагале за изградба на безбеден лабораториски објект што би служел како база доколку на Земјата од вселенска мисија би се вратила евентуална вонземска биолошка форма.

Стоун и неговиот тим – докторите Датон, Левит и Хол – одат во објектот познат како Wildfire, и прво се обидуваат да ја изолираат вонземската животна форма додека утврдуваат и зошто две лица од Пиемонт (старец и шестмесечно бебе) успеваат да преживет. Научниците методички ја испитуваат вонземската форма несвесни дека веќе мутирала и дека сега претставува далеку поголема опасност во лабораторијата, која е опремена со нуклеарен уред за самоуништување, доколку таа успее да избега…