Виолета Златкова, девојката која го победи вишокот на килограми: Сакајте ги дебелите, не им кажувајте да ослабнат

12722

Младата Македонка, која живее во Стокхолм, изгуби 30 килограми за неколку месеци, а доби самодоверба и здравје за цел живот, откако самата реши да ја најде најдобрата верзија од себе – во секоја смисла

Виолета Златкова е девојка од 37 години, лидер на групата хроно исхрана на една социјална мрежа. Од фотографиите на нејзиниот профил ќе заклучите дека станува збор за слабичко девојче, а од постовите и коментарите – дека е експерт за хроно исхрана и вистински човек кој го знае патот што ќе ве однесе во зоната на витките, здравите, а со тоа и среќните. Таа се ослободи од вкупно 30 килограми – за само 5 месеци изгуби 20 килограми, а подоцна уште 10. Тоа што живее и работи во Стокхолм не ѝ пречи постојано да биде присутна тука, дома, да дава совети, да препорачува испробани рецепти, да ги куражи тие што тргнале по патот што таа го изоди пред три години.

Три години веќе сум со приближно исти килограми, со тоа што последните месеци дури имам и намалено, затоа што веќе подолго време вежбам. Честопати знам да кажам дека колку и да изгледа тешко да се ослабне, не е. Најтешкото е да се одржува килажата. Но, тоа најтешко, може да биде полесно кога еден начин на исхрана ќе стане дел од нас. Кога ќе се договориме со себеси дека тоа сме ние, тешко или не, мора да се живее со многу откажувања, а одржувањето станува секојдневие – вели младата Вики, како што од милост ја ословувааат другите членови на групата.

Вели дека за да се раскаже една животна приказна е многу тешко и дека таа никогаш не се здебелила зашто  отсекогаш била дебела.

  • Уште од како дете бев дебела. Низ години слабеев со секакви диети, но, никогаш не ја задржав килажата. Секогаш се наградував со благо за да на крај да вратам и повеќе од тоа што сум имала предходно. Поради килажата си го нарушив и здравјето и од хормоналниот дисбаланс покачив плус килограми, па со тоа и полошо здравје и така влегувате во круг од кој тешко се излегува. Во прашање е зависност од шеќери и храна. Па, како и секој друг зависник така и јас со храна се тешев. И кога ми пречеа килограмите затоа што не можев да си купам фустан кој го сакам за свадбата на сестра ми, јас шиев нешто што ќе ме прикрие, да изгледам пристојно. Кога имав проблем со самодовербата и кога ми требаше многу труд за некој да ми даде шанса да покажам дека вредам како човек, без разлика што сум дебела, си се тешев со храна. Наместо да престанам и да го сменам тоа што ми пречи, односно килажата, јас бев лута на цел свет што носат одлуки според изгледот. Наместо да престанам, јас се повеќе уживав во храната. Тоа е тешка деструктивност кај секој дебел човек и многу тежок живот кој кај мене траеше три децении, ни раскажа Вики.

Вели дека не успеала да го смени светот ама се сменила себеси.

  • Сакајте ги дебелите луѓе, не им кажувајте дека треба да ослабнат. Не постои дебел човек што не знае дека е дебел, категорична е таа.

Вики имала нарушено здравје и организам кој, како што вели таа,  молел да му помогне и да престане да се самоуништува.

– Најголемиот дел од килограмите ги изгубив во првите 5 месеци, односно 20 килограми, следните одеа многу побавно, а вкупно изгубени килограми се 30. Крајната цел ми беше да видам 69 на вагата. Првите 4 месеци бев на храна без глутен и без свинско месо, со редуцирано пилешко месо, па целата таа промена на исхраната, плус и само со хељдино брашно, на моменти беше многу депримирачки. Не знаев дали повеќе сум тажна што не можам да јадам овошје или благо, или пак тоа беше само првата и најсилна борба со себе за да се издржи. После 2-3 недели кога почнав да забележувам дека слабеам и по гардеробата, кога се чувствував многу полесно и поубаво, почнав да прифаќам дека навистина завршија годините на паѓања и изговори. Кога ќе се видиш себеси во огледало, чувствуваш дека нема нешто што не можеш да го направиш во животот, само ако доволно сакаш. Чувство како цел свет да го имаш освоено, а и го имаш, среќна е Вики.

Вели дека затоа, како и за се во животот, ставаме на вага што добиваме, а што губиме.

  • Во животот имам пробано скоро сè од диети, начини на исхрана, со и без физичка активност и со ништо не успеав да имам долготраен ефект на намалување на инсулинот, тироидна да биде под контрола и најважното, никогаш не успеав да го средам липидниот статус во нормални рамки. Треба психичка подготвеност и спремност. Никогаш не треба да се слабее за другите, за општеството, за нормите наметнати како треба да изгледа еден човек. Никогаш нема да дознаеме колку многу може да издржиме ако не си дадеме шанса за поздрава, поубава и подобра верзија од себе. Секогаш треба да се стави листата на приоритети како што е здравјето пред чоколадото, пред помфритот и слично, и да го прифатиме дека тоа е начин на живот, колку и да е тежок. И да, секогаш слушајте го своето тело, но, и консултирајте се со доктор за да бидете сигурни дека тоа што го правите е добро за вас. И, никогаш не откажувајте се од себе`си, колку и да паѓате, еден ден ќе успеете да застанете цврсто на нозе, порачува Вики.

Лилјана Грџо Дамовска