Нов скандал одекна во Шпанија, а во центарот на вниманието повторно е играчот на актуелниот европски клупски шампион, тимот на Реал (М). Дури и кога е повреден, бразилскиот интернационалец Винисиус Јуниот, успева да го привлече вниманието на шпанските медиуми.
Крилниот напаѓач го пропушти натпреварот помеѓу Ливерпул и Реал (М) во Лигата на шампионите на „Енфилд“, а со објавата на Инстаграм покажа дека тешко ја доживува играта и поразот, но истовремени направи и голем скандал.
Имено, Винисиус бил снимен како го гледа натпреварот во Мадрид, а на екранот на неговиот телевизор можело да се види логото на ТНТ Спортс од Бразил.
Ова предизвика реакција од шпанската Ла Лига, која испрати жалба до Реал (М) за прекршување на правата.
Челниците во Ла Лига сметаат дека Бразилецот се занимава со пиратерија, и дека не го искористил вистинскиот канал за следење на Лигата на шампионите.
Тоа би бил каналот Мовистар, кој ги плаќа телевизиските права за споменатиот натпревар во Шпанија.
„За време на натпреварот помеѓу Ливерпул и Реал Мадрид, Винисиус објави на Инстаграм дека истиот го следи. На екранот се гледа логото на TNT Sports, што е пиратерија! Пиратерија е кога некој преку тој канал гледа натпревар од Лигата на шампионите од Шпанија. Тоа мораше да го направи преку каналот Мовистар, кој ги плаќа правата за споменатиот натпревар во Шпанија“, се наведува во нивната жалба.
Пиратеријата е сериозен проблем во западните земји, а овој случај го потврдува тоа. Цела лига мораше да се огласи поради една приказна на Инстаграм каде беше забележана употреба на пиратерија.
Тоа предизвика различни реакции во Шпанија, некои жестоко го осудија Винисиус, а некои го бранеа, посочувајќи дека сите користеле пиратерија во одредено време.