Петти ден, бегството на поранешниот вицепремиер Артан Груби ја бранува јавноста и е главна тема на партиските пресконференции. Опозициската СДСМ излезе со откритие дека граничниот полицаец кој го пропуштил осомничениот Груби бил поставен на тоа место откако Панче Тошковски станал министер за внатрешни.
-По налог на Тошковски, Б.Ј. е прераспределен на контрола на граничен премин, иако претходно извршувал друга работна задача неповрзана со контролата на граничните премини. Ова значи дека човекот кој што го пропуштил Груби е негов личен избор за таа позиција. Го прашуваме Тошковски дали е вистина од овие причини, за да може да врши вакви дејствија, Б.Ј. е поставен на оваа позиција, прашаа од СДСМ од каде тврдат дека полицаецот земал боледување, истиот ден кога го пропуштил екс-вицепремиерот.
-Со тоа не може да биде суспендиран, се додека му трае боледувањето. Зошто Тошковски лаже дека се суспендирани кога тоа не е направено? Дали сака да го заштити или чека да се забошоти целата ситуација? Зошто не е поднесена кривична пријава против полицајците, туку наводна суспензија кога станува збор за дело за кое може да се поднесе кривична, истакна портпаролката Богданка Кузеска на СДСМ.
Прес-конференцијата на ВМРО ДПМНЕ беше со друг фокус, на криминалите кои ги правел екс заменикот на Владата, а од СДСМ замижувале заради одржување на коалицијата.
-И МВР под капата на СДСМ знаеле за криминалот на Груби. Со години немало никаква реакција од институциите под капа на СДСМ, затоа што раководството на таа партија сакало да остане на власт по секоја цена. ВМРО-ДПМНЕ со години зборува за криминалот на Груби, но СДСМ дозволија тој да метастазира до невидени размери, изјави Миле Лефков на пресконференција.
Груби пешки ја поминал границата, камерите немале батерии па нема ни снимка
Вистинско филмско сценарио се случувало во неделата во утринските часови на македонско-косовската граница кога за пасошка контрола се појавило дипломатското возило марка Мерцедес на почесниот козул А.П, a друшво на совозачкото седиште му правел осомничениот во истрагата за криминали во државната лотарија за кој била активна стоп листа односно ,,задржи и веднаш извести,, Артан Груби. Но, граничниот полицаец со иницијали Б.Ј ниту го задржал осомничениот, ниту ја известил полицијата, туку ги завел двајцата патници дека пешки ја поминале границата. Полицаецот ќе биде под истрага на обвинителството за организиран криминал и корупција и е суспендиран од работа, велат од МВР. Состојбата да биде позамрсена, се изпразниле батериите на камерите од преминот Блаце и сега нема снимка од бегството на Груби. За камерите дисциплински ќе одговара раководителот на смена, соопштија од МВР.
-Од страна на раководителот на смена Б. А. било сторено потешко кршење на работниот ред и дисциплина. Откако ги задолжил сите полициски службеници со МССК и истото го завел во евиденцијата, во 07.30 часот, од страна на полициски службеници Б. Ј., С. Ф., Б. А., Ф. Ф. и Е. Ш. било пријавено дека МССК не им работат бидејќи им се испразниле батериите. Од страна на раководителот на смена Б. А. истите полициски службеници не биле задолжени со други мобилни камери, бидејќи батериите не можеле да се наполнат. Од извршениот увид во горенаведената евиденција од страна на внатрешната контрола, исто така било утврдено дека од страна на раководителот Б. А., откако камерите биле вратени, тие не биле заведени во графите како раздолжени во самата евиденција, а воедно и не ја пополнил графата за забелешка каде што требало да го нотира настанатиот проблем со “Мобилниот систем за камери“, стои во информацијата за случувањата на граничниот премин Блаце.
МВР и ОЈО го ставиле на „стоп листа“
Полицијата информира дека осомничениот Артан Груби бил ставен на стоп листа на граничните премини по Наредба на Основното јавно обвинителствот, од министерството појаснуваат дека стоп листата значи дека одредено лице не смее да ја премине државната граница, а полицијата има право да става лица на листата и без наредба на обвинителството.
,, МВР и ОЈО имаат законски овластувања во текот на претходната постапка да ги обезбедат лицата и доказите , без притоа да ги нарушат правата на лицата за кои постои сомнение дека сториле кривично дело,, појаснуваат од МВР.
Артан Груби самиот напиша на социјаланата мрежа Фејсбук дека е во Косово и оти ќе се врати кај семејството. Од МВР за весникот ВЕЧЕР велат дека се во комуникација со косовските власти, меѓудругото и за случајот со осомничените во случајот Лотарија, Груби и Бајрами, за кои полицијата распиша меѓународна потерница. Од МВР велат дека за потерницата го известиле ИНТЕРПОЛ од каде испраќаат допис до сите полиции за лицето по кое се трага. Потерницата е објавена откако Основното јавно обвинителство Скопје достави наредба до МВР за објава на национална потерница и изјава за распишување меѓународна потерница за Груби и Бајрами, а претходеше судската одлука за 30 дневен притвор за избеганите.
Засега, нема пријава против почесниот конзул
Од полицијата освен дека возачот на Артан Груби, почесниот конзул на Косово во Македонија, бизнисменот А.П., бил на информативен разговор во полициска станица, друго не соопштуваат, односно дали ќе има кривична пријава против него. Од ОЈО Скопје кусо изјавија за весникот ВЕЧЕР дека ќе постапат по секој навод за евентуално сторено кривично дело за кое ќе утврди полицијата. (П.А)