Токму по десет години од функционирањето на невладината организација „Хрватско-македонска тангента“, низ содржини кои ја тангираат темата, се одбележаа и 100 години од раѓањето на таткото на авторот на книгата Сашо Георгиевски, д-р Никола Георгиевски, еден од втемелувачите на Медицинскиот факултет во Скопје, голем хуманист, основоположник на Црвениот крст на Македонија, заедно со Даре Џамбаз и Димче Зографски, и првиот Македонец кој е поставен на местото претседател на Црвениот крст на Југославија
“Бев почестен со предлогот на мојот уважен пријател, амбасадорот Љупчо Арсовски, да се зафатам со претставувањето на една книга што е именувана „Дострели на една визија“, не само поради насловот туку и поради длабоката содржина и визијата во време кога се случуваат драматични ситуации во светот и кај нас. Во едно време на распространети состојби на судири и кога стравуваме одново за она што се случува на европска почва, пред нас се појавува една благородна книга за невладината организација „Хрватско-македонска тангента“, за едно зближување кое е исклучително, бидејќи опфаќа релации на социјален, културен, деловен план, на идеи и посети…“, кажа, меѓу другото, македонскиот писател Томислав Османли на вчерашната промоција на книгата „Дострели на една визија“ од авторите Љупчо Арсовски, амбасадор, и Сашо Георгиевски, политиколог и претседател на невладината организација „Хрватско-македонска тангента“, со седиште во Хрватска и со меѓународно дејствување, а која денес брои 290 членови.
Промоцијата се одржа на Медицинскиот факултет во Скопје, во рамките на научно-културниот собир „Македонско-хрватски допири“, каде што стана збор за македонско-хрватската соработка на планот на медицината и на културата.
Токму по десет години од функционирањето на невладината организација „Хрватско-македонска тангента“, низ содржини кои ја тангираат темата, се одбележаа и 100 години од раѓањето таткото на авторот на книгата Сашо Георгиевски, д-р Никола Георгиевски, еден од втемелувачите на Медицинскиот факултет во Скопје, голем хуманист, основоположник на Црвениот крст на Македонија, заедно со Даре Џамбаз и Димче Зографски, и првиот Македонец кој е поставен на местото претседател на Црвениот крст на Југославија.
„Фасцинантно е што сè почна од една идеја, а откако ја слушнав и деталната биографија на проф. д-р Никола Георгиевски, не изненадува што таа идеја се родила во духот на неговиот син Сашо Георгиевски. Споделувајќи ги благородноста и хуманизмот на својот татко, тој се обиде и направи една тангента. А таму каде што постои енергија, постојат и идеи и вредности кои денеска, десет години подоцна, доаѓаат до свои исклучителни реализации“, додаде Османли.
На настанот на кој присуствуваа и претседателот на државата, Стево Пендаровски, како и еминентни доктори, академици, претставници од Владата и истакнати јавни личности, беше потенцирано значењето на делото на професор д-р Никола Георгиевски.
„Никола Георгиевски е еден од дваесет и четворицата доајени кои биле избрани во наставници-доценти од 1955-1960 година и за кои е подготвена за печат втора монографија за доајени, во издание на Медицинскиот факултет – Скопје. Сите тие први наставници имале своја специфична животна патека и професионален развој и придонес кон медицината во Македонија и пошироко. Живееле во тешки времиња по војната, но и времиња на обнова и изградба на земјата, кога идеал било да се гради и создава, да се помогне и да се даде сè од себе за народот и државата, да се остават длабоки траги на своето постоење и дејствување. Таквиот ентузијазам бил кохезиона сила, владеел дух на единство и со здружени сили да се оди напред, да се гради, да се создава, во материјална и во духовна смисла, време на младински работни акции и распеана младост исполнета со надеж за подобра иднина што ја гради и создава, а урнатините од војната ги прекрива насекаде со никулци… Доајените биле првите носители на пламениот ентузијазам, факли на светлината што го покажува патот кон напредокот, на прогресот втемелен во заедничките идеали и визии, негување на хуманистичката традиција во чие средиште е човекот градител, работник, стручњак…“, истакна, меѓу другото, проф. д-р Дончо Донев, еден од ретките медицински историографи во Македонија, кој се осврна и на стручно-медицинските и наставно-научните активности на доајенот проф. Никола Георгиевски.
Амбасадорот Љупчо Арсовски, кој е и еден од авторите на книгата „Дострели на една визија“, за д-р Георгиевски посочи: „Хуманист, вграден во државните и општествените структури на Македонија и на Југославија, но секогаш блиску до медицината, здравството, здравствената заштита, грижата за здравјето на луѓето и особено за младите поколенија. Дипломат и полиглот етаблиран и во светската здравствена организација во Женева, со бројни активности и резултати. Добитник на бројни одликувања и признанија, меѓу кои и на наградата „АВНОЈ“. И во пензионерските денови што ги минува во Канада, основа невладина хуманитарна организација за помош на децата со загрозено здравје…“.
Продеканката на Медицинскиот факултет, проф. д-р Розалинда Попова-Јовановска, пак, истакна: „Оваа година, кога се навршуваат 75 години суштествување на Медицинскиот факултет, со почит и гордост ги споменуваме луѓето кои се вградија во неговите темели и растеж. Еден од нив е и проф. д-р Никола Георгиевски, чиј исклучителен придонес е во развојот на областите хигиена и социјална медицина“. Генералниот секретар на македонскиот Црвен крст го истакна и придонесот на проф. д-р Георгиевски и неговото учество во активностите од првите денови по формирањето на оваа организација во 1945 година.
„Особено се залагал за развојот на здравствената превентивна и хуманитарна помош, крводарителството, првата помош, борбата против заразните и паразитни болести и болестите на зависност“, истакна Саити.
На крајот од настанот, авторот Сашо Георгиевски, претседател на „Хрватско-македонска тангента“, за книгата „Дострели на една визија“ посочи дека таа опфаќа период од 10 години на активност на оваа невладина организација.
„Изјавата на врвните личности на хрватското Министерство за надворешни работи во рамките на неодамнешниот самит во Брисел, во седиштето на ЕУ, дека идејноста и ангажманот на ‘Хрватско-македонска тангента’ претставуваат значаен придонес во билатералните односи меѓу Република Хрватска и Република Македонија, е големо признание за оваа невладина организација. Во тој контекст би сакал да кажам дека и книгата „Дострели на една визија“ целосно ја афирмира таа констатација и дава многу конкретни примери и аргументи кои практично и доктринарно го потврдуваат и промовираат тоа. Имено, во четири поглавја објаснети се методологијата и праксата на функционирање на една современа невладина организација. Допрени се проблеми на граѓанска проблематика со конкретни примери со кои се соочува ‘Хрватско-македонска тангента’“, посочи Сашo Георгиевски.
Книгата „Дострели на една визија“ нуди четири релативно блиски и поврзани поглавја. Во првото, авторот Сашо Георгиевски ги претставува идејата, првите чекори на организацијата, пулсот на стратегиите и остварените проекти.
Културната дипломатија и нејзиното влијание ги разработува амбасадорот Љупчо Арсовски во второто поглавје од книгата, каде што апострофира дека низ бројни активности на дипломатиите, оваа „мека моќ“ прераснува во мошне значајно средство во секојдневната комуникација на државите, дотолку повеќе што културната дипломатија станува составен дел на надворешната политика на секоја држава. Третото поглавје нуди богата фотодокументација, а во четвртото, пред читателите се кратки прилози од триесетина личности кои од свој агол на гледање ги претставуваат своите впечатоци за Тангентата.
„Имено, цитирани се и наведени прилози на триесетина видни личности во дијапазонот на политиката, културата, науката, медиумите и стопанството, кои во изминатата деценија биле во допир со Тангентата или дале конкретен придонес во некој од многубројните успешни проекти. Тоа е една интересна оптика, која од многу агли ги третира и објаснува суштината и мисијата на „Хрватско- македонска тангента“. И, конечно, една од поврзаностите со овој денешен собир е и фактот дека освен во политиката, културата, стопанството, ‘Хрватско-македонска тангента’ навлезе во поврзување и продлабочување на релациите во здравството, медицината, образованието. Во таа насока, веќе се направени важни чекори и контакти со заемни посети и консултации, со посебен акцент на позитивните искуства на Хрватска во користењето финансиски средства од фондовите на Европска унија. На крај, да истакнам дека Тангентата досега имаше и има извонредна соработка со дијаспорите во обете држави со соодветните институции, со соодветни личности во обете држави и со дипломатските претставници, кои перманентно ги држиме во тек со сите проекти и со голема благодарност ги консултираме“, додаде Сашо Георгиевски.
Во рамките на вчерашниот научен собир, секретарот на НВО „Хрватско-македонска тангента“, Милена Георгиевска, им додели и признанија на амбасадорот Љупчо Арсовски и на поранешниот новинар и сегашен заменик- министер за локална самоуправа, Зоран Димитровски, во знак на благодарност за долгогодишната соработка и несебичната поддршка. (Д.Т.)