Со цел да се ослободи од зависноста од рускиот гас, градот Виена одлучи да инвестира во обновливи извори на енергија и да ја забрза реализацијата на постоечките проекти. Така, Виена треба да ја добие најголемата соларна централа во Австрија.
Експертскиот тим предложи конкретни мерки за воспоставување енергетска безбедност во Виена. Клучната поента е дека планираните проекти за проширување на производството на електрична енергија од обновливи извори треба да се реализираат предвреме.
Ова би требало значително да го подобри локалното производство на енергија за следната зима и да ја намали зависноста од рускиот гас.
„Веќе се подготвуваме за претстојната зима. Со капацитет за складирање на гас од над 92 отсто и делумно користење на мазут во електраните, уверени сме дека ќе ја пребродиме зимата. Но, подготовката за зимата 2023 година останува голем предизвик“, велат од градот Виена, пренесува Танјуг.
Одлучено е проширувањето на соларните капацитети на поранешната депонија во 22-риот округ во Виена да се прошири пред предвиденото.
Таа постројка ќе може да снабдува околу 7.400 домаќинства.
Заедно со инвестициите во обновливи извори на енергија, градот Виена продолжува со планот за заштеда на енергија.
Така, издаден е правилник за јавните институции, кој содржи совети за правилно загревање, вентилација, или осветлување.