Најдобрите светски боксери во тешка категорија, Украинецот Александр Усик (37) и Британецот Тајсон Фјури (36), вечерва, околу 22 часот ќе ги вкрстат ракавиците во рингот, во Ријад (СаудискаАрабија) во реванш за три од четирите главни светски шампионски појаси. Во првиот меч Украинецот по судиска одлука го совлада Британецот и стана апсолутен светски шампион. Во меѓувреме, Усик ја загуби титулата на ИБФ поради посебни правила на организацијата, па тој појас нема да го добие победникот од оваа борба.
Саудискиот промотор Турки Алалших, на социјалните мрежи објави дека мечот меѓу Усик и Фјури првпат ќе го следи судиска вештачка интелигенција. Тој ја нарече иновацијата „револуционерен експеримент“, но истакна дека тоа нема да влијае на официјалните резултати од борбата. Натпреварот вообичаено ќе го судат тројца судии лоцирани веднаш до рингот, кои ќе го одлучат победникот по 12 рунди, доколку претходно нема нокаут.
Алалших истакнува дека вештачката интелигенција е „непристрасна и не прави човечки грешки“ за разлика од човечките судии, чии одлуки се ревидираат. „Не пропуштајте го историскиот момент“, напиша Алалших на X.
Британски „Индипендент“ објави дека боксерите ќе ја поделат сумата од 191 милион долари, што е повеќе отколку во првата борба во која поделија 150 милиони долари. Тогаш договорот беше Фјури да добие нешто повеќе од 100 милиони, додека Усика го доби остатокот иако победи.
Овој пат Усик, наводно, ќе добие поголем износ, иако не се знае колкав. Британскиот боксер има само еден пораз во кариерата и тоа против Украинецот во нивниот меч на 17 февруари годинава, додека Усик е непоразен.