Дервента, град во Босна и Херцеговина, е првиот во регионот кој вклучи вештачка интелигенција (АИ) во угостителските услуги. Корт Кафе, ресторан во овој мал град со околу 30.000 жители, „вработи“ робот-келнер чија примарна должност е да ги послужува гостите, но и да ги отстранува валканите садови.
Роботите келнери потекнуваат од Кина, па не само што им помагаат на вработените во рестораните, туку и го скратуваат времето на чекање за услуга.
Корт Кафе, ресторан во рамките на маркетот Хипер Корт, е едно од најпознатите и омилените места каде што се собираат жителите на Дервента. Според Маја Врачевиќ, раководител на маркетинг секторот на Корт маркет, токму оваа популарност на ресторанот била главната причина за реновирањето на зградата, како и воведувањето на неочекувани новитети.
Со проширување на капацитетот на 200 седишта, се појави потреба и да се подобри квалитетот на услугата. Со цел гостите да не чекаат предолго за услуга, Корт Кафе реши да „вработи“ двајца келнери роботи кои ќе му помагаат на главниот персонал.
Четири нивоа на послужување
Како што објасни Врачевиќ, келнерите-роботи во ресторанот имаат четири нивоа на послужување, што во голема мера ја зголемува брзината на услугата во ресторанот. Покрај тоа, келнерите-роботи можат да комуницираат со гостите во ресторанот – да им се заблагодарат или да им кажат дали нешто им се допаѓа или не.
За разлика од нивните човечки колеги, келнерите роботи сè уште не можат да добијат бакшиш. Нивната примарна должност е траспортот, додека келнерите се тие кои се задолжени да примаат нарачки и да ги препраќаат до кујната. Откако ќе се подготви храната, келнерот робот ја пренесува на одредена маса чиј број е претходно внесен.
На овој начин се намалува обемот на работа на келнерите, при што тие не мора да одат во кујна и да ја послужат подготвената храна, бидејќи тоа им го прави роботот. На крајот, според Маја Врачевиќ, вештачката интелигенција не е тука за да ги замени луѓето, туку да им ја олесни работата. Затоа, вистинските келнери се тие кои добиваат бакшиш.