На 28 ноември, четврток, од 19:19 часот, во Културно-информативниот центар – Скопје, ќе се одржи промоција на последниот објавен книжевен препев на Драги Михајловски – најновото еднотомно издание на ТРИ од поезијата на Руми, „Големата црвена книга“.

Џелаледин Мевљана Руми е еден од најголемите, најчитаните и најтолкуваните поети во светот. Неговите стихови претставуваат непроценливо светско наследство и досега се препеани од повеќе македонски преведувачи и поети. Меѓу нив, освен познатиот препев на Драги Михајловски, се вбројува и Ана Пејчинова, која ќе биде промотор токму на ова дело. Заедно со Ирена Јурчева, која е втората говорничка на настанот, и Виолета Танчева-Златева во улога на модераторка, таа ќе зборува за поезијата на Руми и ќе се обиде да проникне во длабочините на овој препев. „Добрата поезија е над сите граници и не може да биде ограничена ни од религијата ни од времето“, се вели во предговорот на ова издание, а меѓу кориците на оваа книга е собрана токму таква поезија.

Влезот е слободен и поканет е секој кој умее во поезијата на Руми да ги препознае портите за надминување на материјалните граници на постоењето.

Од ТРИ, како коорганизатор на настанот заедно со КИЦ, ве покануваат заедно да нурнеме во стиховите за божественоста, за љубовта и страста, за копнежот и пријателството. И не само во поезијата на Руми, туку и во тајните на преведувачкото мајсторство, на магијата што тоа ја создава.

Ако може да се каже дека преведувачот е коавтор на делото, тогаш Драги Михајловски е навистина тоа. Тој успеал да ги почувствува емоциите и да ги обликува во мозаик во кој е претставено целокупното човеково искуство.