ВЕЧЕР, весник на кој читателите му веруваат цели 61 година

232

На денешен ден, пред точно 61 година, нобеловецот Иво Андриќ го благослови раѓањето на првиот број на весникот ВЕЧЕР и тој благослов остана како завештание за сите генерации новинари, фоторепортери, технички уредници, лектори, соработници… кои низ годините наназад имаа привилегија да бидат дел од големото семејство на ВЕЧЕР. Секој на свој начин ја полни богатата ризница на факти, на сето она што се случува секојдневно, историографија што не смее да се заборави. За 61 година, на речиси половина милион страници, трајно се запишани сите настани што ги менуваа светот, човекот. ВЕЧЕР е приказна што остава неизбришлива трага во историјата на македонскиот медиумски простор. Секој број е чувар на македонските јазик, идентитет, цврст корен на македонската државност. А, златната архива од првиот до последниот број, како најголемо богатство, грижливо се чува во редакцискиот архив на ВЕЧЕР. Оти многумина со ВЕЧЕР ги учеле првите букви, други го користат и како архивски материјал, а има и горди колекционери на постари примероци на ВЕЧЕР.

ВЕЧЕР и денес е меѓу најпрепознатливите македонски брендови и дневен весник со рекордни постигнати тиражи од над 100.000 продадени примероци.

Денеска, кога со печатениот 18.652 број весникот ја начна седмата деценија, им се поклонуваме на основоположниците и визионери Панче Михајлов, Јордан Ивановски, Милчо Коцев, Борис Поп Ѓорчев, Мирко Миронски, Славко Маринковиќ и Цветан Станоевски, кои заедно со уште триесетина истомисленици храбро го реализирале предизвикот да создадат нов, вечерен весник во рамките на НИП „Нова Македонија“. Бескрајно им благодариме на сите нив што го направија првиот чекор и ги поставија постулатите и новинарските стандарди, кои се темел и денес. Нивната идеја за градски и урбан весник остана до денеска. И ќе трае. Остануваме дневен весник што се придржува кон високо професионалните новинарски стандарди, весник што негува култура на дијалог и слобода на изразување.

ВЕЧЕР останува весник на сите вас и на сите нас. Слободен и со сопствен идентитет. Работиме со сите сили, и покрај предизвиците, за да ја оправдаме довербата на нашите читатели.

Во децениите наназад, ја делевме судбината на народите – бевме сведоци на војни, промена на знамето, името на нашата држава, општествениот, политичкиот систем… работевме под бремето и печатот на историјата. Информациите и животните приказни, неуморните борби за обичниот обесправен човек се образец во кој веруваат читателите. Вистина, ВЕЧЕР денеска не е како што бил пред  61 година, кога почнале колпортерите да го извикуваат неговото име по скопските улици, некогашните словослагачи и прастарата печатарска преса отидоа во историјата… Учевме, учиме и растеме и со грешките од минатото… Гледаме напред. Се држиме за традицијата, но го фаќаме и чекорот со модерните времиња. Успеваме да информираме, но и да поттикнеме општествена одговорност, да останеме пристојни и одмерени. Затоа понекогаш боли прашањето: „Сè уште постојат весници?!“ Но, тоа не нè обесхрабрува. Со огромна поддршка од менаџерскиот тим, домаќински и мудро, упорно и тврдоглаво опстојуваме и покрај турбулентните времиња. Оти чувството да се држи весник в рака во денешно време е вистинско задоволство.

За да останеме во тренд, ни помага нашиот помлад и напреден „брат“ – порталот vecer.press, кој, во изминатите години, успеа да се издвои во интернет- хаосот и да се најде во друштвото на релевантните информативни интернет-медиуми. Информативен, забавен, во морето портали се издвојува по проверените информации и важи за еден од најпосетуваните, со висока доверба кај читателите. ВЕЧЕР го има и на Фејсбук и на Инстаграм. Не нè плаши ни вештачката интелигенција, бидејќи и тој предизвик ќе го дочекаме мудро и, како што коментираме на шега со колегите, со природна интелигенција.

Почитувани читатели,

Годинава честа е моја, во името на моите колеги од весникот ВЕЧЕР, да ви се заблагодарам за довербата што ни ја укажувате сите овие години наназад и што сè уште сте со нас. Вие сте нашата движечка сила и нашиот ветер в грб за да одиме напред. Сите ние ветуваме дека ВЕЧЕР ќе остане и натаму на ваша страна. Ќе го задржиме актуелен и свеж, весник што секогаш знаел да му го даде на читателот она што го очекува од него.

Нека се множат годините, читателите и тиражите!

Среќен 61 роденден ВЕЧЕР!

Срдечно,

м-р Елизабета АРСОСКА,

в.д. главен и одговорен уредник