Остри критики за надворешната политика на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во однос на Македонија, Албанија и Турција, упати неговиот сопартиец и поранешен шеф на грчката Влада, Андонис Самарас. Самарас го повика Мицотакис веднаш да ја промени надворешната политика – да стави вето за Албанија, и преку создавање на силна правна и политичка група на експерти да подготви повлекување од „национално опасниот Договор од Преспа“. Во својот говор на промоцијата на книгата на новинарот Манолис Котакис посветена на Костас Караманлис, Самарас побара од Мицотакис, како Бугарија, „да стави вето на секој чекор на Скопје, чиј иредентизам мораме сега и насекаде да го пријавиме“. Тој порача и целосно да се ревидира пријателството со Турција, со што, како што рече, во пракса ќе стане јасно дека не може да ги уценуваат и да им се закануваат. Како што пренесе МИА, поранешниот грчки премиер Самарас од редовите на Нова демократија, упатил остри критики до неговиот сопартиец и актуелен претседател на Владата на Грција Кирјакос Мицотакис за низа теми во земјата, почнувајќи од изгласаниот закон за истополовите бракови, па сè до т.н. национални прашања, за кои рече дека Грција постојано е на мета на навреди и понижувања, „од Скопјаните, Албанците и секако „пријателите“ Турците“.
– Предупредив и за потребата од наше постепено повлекување од срамниот Договор од Преспа, кој Скопје од почетокот не го почитуваше како што не ја почитуваа ниту Времената спогодба на Андреас Папандреу. Добро ми е познато што значи вршење притисок од „пријатели“, секако за нивен интерес. И на Костас Караманлис му беше извршен, но во Букурешт рече „не“. И мене ми беше извршен, но ги пресеков од почеток и никогаш не го повторија тоа, рече Самарас.
Посочи дека „Договорот од Преспа е тој што го храни национализмот и аспирациите на некои комбинации на сили на Балканот“, додавајќи дека токму ова било цврстото мислење на основачот на Нова демократија Константинос Караманлис, повторувајќи ја неговата изјава „Македонија е една и таа е грчка“.
-Завчера, скопската претседателка на државата Сиљановска јавно ја изрази иредентистичката догма: вели, се сретнала, со претставници на Децата бегалци од Егејска Македонија и разговарала со нив за прославите за 75-годишнината од прогонот на Македонците од Егејот. Што друго треба да слушнеме за конечно да се разбудиме?, рече Самарас.
На прашањата од надворешната политика, се осврна и поранешниот премиер Костас Караманлис и рече дека треба да се испрати јасна порака до Тирана и Скопје дека однесувања како тие на две земји кон Грција не може да се толерираат и повлекуваат последици, но и да се укаже дека патот кон Европа зависи од Грција.
На промоцијата на книгата „Доверливите досиеја на Караманлис“ на новинарот Манолис Котакис, присутни беа пратеници од Нова демократија, министри од Владата, како и владиниот портпарол Павлос Маринакис, но не и актуелниот грчки премиер Кирјакос Мицотакис.
За говорите на Самарас и Караманлис, владини извори, за грчките медиуми кусо рекле дека не коментираат изјави или говори на поранешни премиери.
Поранешната шефица на грчката дипломатија и сестра на премиерот Киријакос Мицотакс, Дора Бакојани, пак, во гостување на дебатна емисија на грчка телевизија порачала дека меѓународните договори не се менуваат и не трпат промени.
-Скопје денес е во тешка позиција бидејќи не е соочено само со Грција туку и со целата меѓународна заедница, искоментирала Бакојани запрашана околу нејзиниот став за Преспанскиот договор.
Во однос на Македонија и критиките на Самарас за надворешната политика на Мицотакис, Бакојани изјавила:
-За време на владеењето на Самарас, тогашниот министер за надворешни работи, Евангелос Венизелос, во име на тогашната влада зборуваше во ОН и рече дека Грција е за географска определба, ерга омнес, исто како што е постојаната позиција на Грција од денот кога се случи одлуката на НАТО самитот во Букурешт. Да ја завршиме приказната – ова е реалност и не се менува, истакнала поранешната грчка министерка.
Откако американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер порача дека нема репреговарање на Договорите од Преспа и на договорот со Бугарија за влез во ЕУ, и македонскиот премиер Христијан Мицкоски истакна дека Преспанскиот договор е реалност, но Договорот со Бугарија може да се репреговара.
-Договорот од Преспа ние кажавме уште пред многу години дека е реалност, и дека е дел од уставниот и правниот поредок на Република Македонија и не треба да се има дилема. Договорот за добрососедтво штом е додаден, односно репреговаран со францускиот предлог, не гледам зошто да нема некој додаток плус да репреговараме за да го заштитиме македонскиот индетитет и да немаме повеќе услови за членство во ЕУ, изјави Мицкоски.
И амбасадорот на ЕУ во Македонија, Дејвид Гир, во однос на репреговарањето на договорите со Грција и Бугарија го повтори ставот дека не гледа можност за промена на преговарачката рамка.
-Секогаш сум бил многу јасен за овој договор што беше постигнат во јули 2022 година што резултираше со отворање на пристапните преговори и скрининг процесот. Не гледам можност за промена на преговарачката рамка и таа позиција не е променета по изборите, изјави евроамбасадорот Дејвид Гир.